Во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп вечерва во 19 часот свечено ќе биде отворена ретроспективната изложба на документарни фотографии изработени од претставниците на реномираната Либеречка школа за фотографија – LŠF од Чешка. Изложбата ќе биде и завршниот настан за годинашната меѓународна уметничка колонија на Центарот за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно“ од демирхисарското село Слоештица. Центарот годинава одбележа 20 годишното постоење под мотото „Убавина уловена пред да исчезне“.

Публиката ќе има можност да види 17 фотографии на кои е отсликано секојдневието на демирхисарските села. Ќе биде изложено и платното „Фотографот од Либерец“ што Сергеј Андреевски го наслика во чест на фотографите од Либерец.
– Во фокусот на деветтемина чешки фотографи е македонското село. Групата што гостува во Слоештица од 8 до 20 август, крстосува низ селата од горно-демирхисарскиот регион и преку своите фотографии ја раскажува приказната за неисцрпното природно и културно богатство што, за жал, исчезнува – велат од „Арт Поинт – Гумно“.

Годинава, чешката фотографска бригада работи на неколку теми. Професорот Шимон Пикоус ја илустрира „Земјата на медот“, професорката Јана Хунтерова портретира стари жени коишто осамени ги палат огништата на дрвените шпорети, а воедно ни ги открива тајните скриени во старите распаднати куќи-музеи; студентите, на гобленот ќе довезат приказни за тутунот и тутунарите; за веленцата и валајците; за ќумурот и ќумурџиите, за козите и нивните стопани; за најмалата библиотека со огромен фонд на книги; за ергените што копнеат за топла, семејна прегратка; за оригиналните ликови што станале бренд на селото и на регионот, како и за храбрите демирхисарски пожарникари коишто, иако, како и сите пожарникари кај нас, се ставени на маргините на општеството, работат со ентузијазам, како да се поставени на пиедестал.

Пчелар од Слоештица / Фото: Шимон Пикоус
– Нашиот центар е своевиден расадник за културни амбасадори за Македонија. Низ годиниве, благодарение на бројните „амбасадорски мисии“, успеваме да им покажеме на луѓето од руралните средини дека тие се локалните херои и дека тие се основата на нашиот корален гребен – илустративна метафора на нашето наследство и идентитет – велат Ирена и Сергеј Андреевски.
Соработката со Либеречката школа за фотографија од Чешка е меѓу позначајните меѓународни соработки што „Арт Поинт – Гумно“ ги реализира во изминативе 20 години. Професорите и одбрани студенти од оваа школа досега во два наврата реализирале престој во креативниот центар во Слоештица, во 2018 и во 2021 година.
Престојот на чешките фотографи во Слоештица е поддржан од нашето Министерство за култура, а нивното патување е овозможено од ЕУ во рамките на „Културата ја движи Европа“ во рамките на програмата Креативна Европа. Изложбата во Прилеп ќе биде отворена до 31 август.
Насловна фотографија: Куќа-музеј во Слоештица / Јана Хунтерова





