70 лингвисти од 18 земји од светот ќе учат македонски јазик во Охрид

Денеска почнува 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Околу 70 семинаристи од 18 држави од светот ќе учествуваат на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје која денеска почнува во Охрид. Во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид денеска во 12 часот обраќања ќе имаат ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на Семинарот, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по што ќе следува промоција на зборник. Делото ќе го промовира проф. д-р Гордана Алексова, долгогодишен лектор на школите на Семинарот.

– Значајно е што бројот на семинаристите се зголемува во споредба со претходните години. Тоа е уште еден показател и за континуираното зголемување на интересот за македонистиката во меѓународната академска заедница, со залагања од Семинарот и на странските македонисти од странските универзитети, и со посветена работа на лекторатите по македонски јазик – велат од Семинарот.

На Школата учествуват семинаристи од Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и од Чешката Република. Семинаристите ќе следат лекторска настава за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно (со две поднивоа, за јазик, и за литература). Ќе бидат одржани 11 предавања на еминентни истражувачи, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, а ќе биде организирана и јазична работилница за сите заинтересирани семинаристи.

Предвидени се и промоции на значајни книги, книжевни средби и интерактивни настани. За семинаристите кои потемелито се интересираат за македонскиот фолклор, на Школата ќе се одржи и курс по македонски ора.

И за ова издание на Школата, конципирана е програма која се очекува на странските македонисти и слависти да овозможи нови сознанија за македонскиот јазик, литература и култура и да ги поттикне на натамошни истражувања посветени на македонистиката.

Насловна фотографија: Од претходните семинари, архива на МСМЈЛК

Сподели