Дела од големиот Владимир Георгиевски во Куќата на Робевци

Во Куќата на Робевци во Охрид вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на дела од еден од најзначајните македонски ликовни уметници – Владимир Георгиевски (1942-2017). Ќе бидат изложени делата што кон крајот на минатата година беа дел од поставката во Музејот на град Скопје, во организација на Јасмина Намичева, архитект, кустос-советник.

Георгиевски е роден е во Скопје, на 1 јуни 1942. Во 1963 матурирал во Училиштето за примена уметност во Скопје и ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968 година. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ. По враќањето од Белград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади „25 Мај“).

Меѓу 1980 и 2012 беше професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектруа во Скопје. Една деценија во 1990-тите, предаваше и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Беше професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.

Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројни театарски претстави и неколку домашни играни филмови.

Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколку пати е наградуван и за неговата работа во театар. Негово дело, портрет на Ф.М. Достоевски, рељеф, е поставено во Музејот на Ф.М. Достоевски во Санкт-Петербург во ноември 2012. Почина во родниот град, на 25 мај 2017 година.

Сподели