„Се отсега и се досега“ е насловот на првата стихозбирка на младиот автор Никола Дукоски која ќе биде промовирана утревечер во Таверна бар во Прилеп (21 часот). Пред неполн месец, книгата беше прв пат претставена пред публиката во Скопје, со промоција во Куршумли ан.
Младиот автор роден во Прилеп има многу сфери на интерес. Психолог по професија, создава и учествува на слем поезија натпреври, а во 2019-та беше и национален претставник на Македонија на овој светски натпревар.

-Кога ќе го напуштиш родниот град, во него остануваш секогаш млад, секој ти е брат, имаш и по некој сват. Во време на економски кризи на вакцински визи повелете да се споиме со духот и слухот, да се обидеме да бидеме едно како божеството – ги кани тој своите сограѓани в недела.
Колку време тлееше поезијата што ја собравте во Вашата прва стихозбирка?
– И тлееше и зрееше од 2019 официјално, така почнав да ги потполнувам сите празнини, отсуства, слабости, радости, размисли, претстави, и пролетва, конечно, ги ставив во стихозбирка.
Во Вашата поезија користите многу едноставен јасен стих, а давате силна порака. Што е за васпишувањето поезија?
– За мене поезијата е исто што и телескопот за патот до Месечината и планетите, можност да се запознаат други светови, поточно таа има обратна насока, пораките од универзумот сите кои што пишуваат ги спуштаат на земја. Поезијата е канал на небото до земјата за да испрати порака секогаш со различна гласност и јачина до оној кој ја восприема.

По професија сте психолог, се бавите и со слем поезија. Дали Ве очекува некој предизвик на ова поле – на слем натпреварите наскоро?
– Во светот и кај нас има многу убава слем поезија што е значајно да ја слушнат и најмалите краеви од светот и тоа никако поинаку освен во живо. Договараме некои настани со слем во скоро време по промоцијата на мојата книга во Прилеп. Инаку, националното првенство на слем е неизбежно на 11 октомври во Прилеп, симболично и празнично.

Каков предизвик е да се работи со деца? Сигурно добро ја познавате нивната природа, со оглед на Вашата примарна професија – психолог.
–Децата ми се неисцрпен извор на инспирација, уживам да работам со нив, но се уште не се сметам за писател за деца, бидејќи им немам подарено ниту едно дело. Тоа е на листа на чекање и сакам да дадам придонес онолку колку што умеам.





