Во пресрет на „11 Октомври“, еден од најголемите национални празници, во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, ќе биде отворена поставка на дела од академскиот сликар Сергеј Андреевски. Во рамките на настанот што ќе се одржи на вечерва во 18:30 часот насловен „Октомвриска вечер: Прослава на уметноста, поезијата и виното“, реномирани актери ќе читаат поезија од Петре М. Андреевски и Светлана Христова – Јоциќ.
– Чест ми е што за прв пат, токму спроти Денот на народното востание на македонскиот народ, ќе претставам дел од моето творештво во градот на непобедените – вели Сергеј Андреевски.
Според директорката на библиотеката, Моника Талеска, токму овој е моделот како треба денес 82 години по почетокот на антифашистичката борба и 32 години од независноста на Македонија да се чествуваат големите и значајни датуми од нашето богато и бурно историско минато.
-Чест ни е што, академскиот сликар Сергеј Андреевски ја прифати нашата покана за изложба со избор негови дела, кои што ќе го означат неговиот креативен и професионален развој, како реномиран уметник и македонски амбасадор на уметноста, културата, историјата, сė она што е одлика на македонските вредности и убавини, вели Талеска.
Во рамките на настанот тројца актери од прилепскиот театар Даниела Иваноска, Наташа Наумоска и Димитар Ѓорѓиевски ќе рецитираат избор поезија од Петре М. Андреевски и од Светлана Христова – Јоциќ.
– Современите битки се водат со промоција на модерно културно „оружје“ уметност, песна, оро, храна, вино … Оттука за време на настанот ќе бидат дегустирани и вина од наша македонска винарија, со цел промоција на нашата винска култура и поддршка на бизнис секторот, – вели Талеска, испраќајки честитка по повод празникот до сите граѓани на Македонија.





