Децата се клучни во борбата со климатски промени

Деградацијата на животната средина ги погаѓа децата во секој аспект од нивното здравје и благосостојба, од бременоста на нивната мајка до првите недели од животот, раното детство и од училишните години до младоста. Ризикот од загадување на воздухот и интензивни топлотни бранови во Северна Македонија е особено висок и сериозно ги поткопува правата на децата во наредните години, рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во нашата земја на Конференцијата за животна средина „Заедно создаваме одржлива иднина“ што ја организираше Министерството за животна средина и просторно планирање по повод 5 Јуни, Светскиот ден на животната средина.

– Овие закани ги продлабочуваат постоечките нееднаквости и ги подриваат правата на децата на здравје, образование и безбедна средина. Иако ранливи, децата се и моќни двигатели на промени кои сериозно ги сфаќаат климатските акции. Клучот за ослободување на тој потенцијал лежи во унапредување на климатско-еколошкото образование – рече Милер.

Таа додаде дека УНИЦЕФ ја поддржува македонската Влада во унапредување на образованието и вештините за климатските промени и животната средина во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и со Министерството за образование и наука и прстигнуваат извонредни резултати. Изработиле нови наставни програми и учебници за основно и средно образование во кои го втемелиле учење за климата и животната средина во сите предмети.

– Воведовме препораки за квалитетот на воздухот во училиштата, а лани Владата усвои протокол за училиштата за постапување во време на топлотни бранови. Создаваме нови можности за развивање „зелени“ вештини кај учениците преку практични искуства и практикантство за учениците од стручното образование и обука – рече Милер.

Таа се осврна на GLOBE – програмата со која стотици наставници се оспособуваат со вештини и добиваат опрема за собирање површински податоци за квалитетот на воздухот, водата, почвата и биосферата со Мрежата за искуствено учење. Мрежата е составена од седум научни институции (ботанички градини, национални паркови, еколошко друштво) којашто на наставниците и учениците им нуди воннаставни активности. Целта е преку здружување да се создадат поодржливи резултати.

– Станува збор за обединување на две многу силни програми за да се нагласат и значително да се зголемат можностите за децата. Програмите не само што се комплементарни, туку се и трансформативни, па ние се залагаме за нивно натамошно проширување со цел да допреме до уште повеќе наставници и ученици. Многу е важно да ги ставиме децата во центарот на климатските политики. Образованието е само почеток. Мора да ги интегрираме и во другите критични сектори, политики за климатски промени со кои се води сметка за децата, посебно во здравството и социјалната заштита, за да обезбедиме сеопфатен одговор на климатската криза – рече Милер.

Насловна фотографија: Архива

Сподели