Меѓународна екипа го истражува Големо Градиште кај Коњух

Доцноантичкиот град и новооткриената Базилика Б се во фокусот на археолошките истражувања на локалитет Големо Градиште кај кратовското село Коњух. Археолошкиот музеј од Скопје и Колеџот „Гетисбург“ од Пенсилванија, САД почнаа со реализацијата на 26. сезона на ископувања. Археолозите ќе работат и на утврдувањето на хронологијата на северната тераса преку стратиграфска сонда, доистражување на комплексот на централната Епископска базилика и ќе истражуваат сегмент од бедемот на градот на југозападниот крај на северната тераса.

Од Археолошкиот музеј велат дека мултидисциплинарниот пристап во истражувањето на градот е збогатен со нововоспоставената соработката со Универзитетот „Џон Морс“ од Ливерпул, Обединето Кралство, чиј стручен тим и студенти спроведоа геофизички и геоархеолошки истражувања на локалитетот. Годинава во истражувања се вклучени и стручни лица и студенти од Универзитетот „Сајмон Фрејзер“ од Ванкувер, Канада.

– Од оваа година локалитетот Големо Градиште се стекна со статус на споменик на културата од особено значење. Тоа е истовремено и валоризација на стручноста, посветеноста и придонесот на бројните учесници и соработници во истражувањето, заштитата и промоцијата на Големо Градиште пред домашната и светската археолошка јавност, во континуитет од речиси три децении – велат од Музејот.

Раководители на истражувањата на Големо Градиште се м-р Горан Санев од Археолошкиот музеј и д-р Каролина Снајвели од Колеџот „Гетисбург“. Членови на тимот се м-р Радомир Ивановиќ и Благоја Китановски од Археолошкиот музеј, д-р Дамјан Донев од Институтот з анационална историја, д-р Дејвид Џордан од Универзитет „Џон Морс“, д-р Сабрина Хигинс од Универзитетот „Сајмон Фрејзер“, Медисон Џ. Поол и Сара Е. Грениер од Универзитетот „Брук“, Канада и м-р Остин Ендрјус од Универзитетот „Јеил“. Истражувањата се финансирани од Колеџот „Гетисбург“, Универзитетот „Џон Морс“ и Археолошкиот музеј.

Сподели