„Инклузивна анимација“ е насловот на работилницата што месецов се одржа во Еurope House Скопје и во Kинотеката. Работилницата се одржа во четири сесии, по две сесии неделно. Активностите во живо се оддржаа во Europe House Скопје и во Кинотека, а една сесија се оддржа и онлајн. Од посебно значење за проектот беше создавање навика за онлајн комуникација кај децата со попреченост и нивно запознавање со алатките за дигитална комуникација и анимација.
– Целта на работилницата беше пред сé да се обезбеди позитивна инклузивна средина, запознавање и дружење на децата со попреченост и типичните деца. Уметноста не е привилегија, туку право на децата со попреченост, и преку вештини и знаења кои ги нема во редовните училишни програми сакаме да креираме нови можности за креативно изразување, развој на толерантност и разбирање помеѓу децата – велат организаторите.

Тимот директно вклучен во сите фази на спроведување на работилницата беше составен од аниматори и специјални едукатори. Децата ја изучуваа техниката „Колажна стоп анимација“.
– Ова e интуитивa анимацискa техникa, кoja можe да се работи со поапстрактен пристап. Не е потребна некојa посебна претходна подготвеност во однос на какво било ликовно образование. Со помош на оваа техника и работата со менторите не само што се разви нивната креативност и љубовта кон уметноста и креативните индустрии, туку и се помага во подигнувањето на нивната самодоверба – објаснуваат едукаторите.
Од тимот велат дека односот на нашето општество кон децата и лицата со попреченост е на ниско ниво. Ретки се програмите за развој на разни вештини кај овие лица преку неформално образование и со самото тоа можноста за нивна инклузија во општеството е сведена на минимум. Пандемијата ги покажалс сите слабости на образовниот систем.

– И додека образованието за типичните деца успеа да продолжи онлајн, се чини дека децата со попреченост беа заборавени. Менторите беа оневозможени да доаѓаат во нивните домови; не постои специјализирана интернет платформа на која овие деца би можеле да го продолжат својот образовен процес, да се дружат, да развиваат одредени животни, уметнички или социјални вештини. И оттаму потребата за реализација оваа работилница – објаснуваат тие.
Материјалот сработен од сите учесници на сесиите, менторите го измонтирале во една целина и крајниот производ бил презентиран пред учесниците на последната сесија во вид на кино проекција. Видеoто снимено врз музичка подлога на песната „Рам пара рам“ од „Суперхикс“, понатаму ќе се отстапи на бендот за користење како нивен официјален спот. Така, проектот ќе допре до пошироката популација, а учесниците ќе увидат дека се дел од еден значаен проект, кој успеале да го завршат со својот труд, низ еден интересен и забавен процес.

Проектот е реализиран со поддршка на Делегација на ЕУ во Скопје и во соработка со Кинотека на Северна Македонија и Меѓународниот филмски фестивал „КинеНова“ и продукцијата „Фокус Покус Филмс“.





