Меморандум за соработка склучија Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Комисијата за хартии од вредност. Документот го потпишаа ректорот Никола Јанкуловски и директорката на комисијата, Нора Алити. Целта е да се поттикнат и афирмираат областите од заеднички интерес и да се обезбеди достапност на професионална размена на стручност и искуства за професорите и студентите на УКИМ во областа на пазарот на капитал и хартиите од вредност.
– Универзитетот и Комисијата ќе соработуваат и во едукацијата и подобрувањето на знаењето и стручноста со особен осврт на специјалистичките и магистерските студии и стручно професионално и академско информирање од областа на пазарот на хартии од вредност и поврзување на теоријата со праксата за потребите на студентите – соопшти УКИМ.
Оттаму велат дека поставена е оснива за долготрајна партнерска соработка за стручна неформална едукација за студентите од прв и oд втор циклус на студии во областите на економијата, финансиите, деловното и финансиското право, пазарите на капитал и финансиските инструменти согласно домашните и меѓународните регулативи. Во однос на наставно-научниот процес, може да се изведува практична настава за да им се обезбеди на студентите можност да се стекнат со практични знаења и вештини и со работно искуство кое ќе ја зголеми нивната конкурентност и ќе им помогне при вработувањето во иднина.
Комисијата за хартии од вредност врз основа на утврдената академска процедура може да даде стручно мислење за изготвени дипломски, магистарски и докторски трудови од областа на пазарот на капитал, домашното и меѓународното право, економијата, финансиите, финансиските инструменти, финансиското работење и менаџментот.





