Данскиот „Ивалу“ најдобар на 18. „Астерфест“ во Струмица

Вечерва во во 20.30 часот ќе биде прикажан „Звучен кафез“ во чест на лауреатката Каталин Ладик, со што официјално ќе биде затворен фестивалот. Проекцијата на документарецот ќе има повремена музичка придружба на акустична гитара во изведба на Георги Трајков.

Наградата „Златна потковица“ за најдобар филм на 18. Филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица ја доби данскиот „Ивалу“ на авторите Андерс Валтер и Пипалук К. Јоргенсен од Данска. „Сребрена потковица“ доби филмот „Еж“ на Д. Митри од САД, додека Бронзена – беше доделен на „Штипење“ на авторките Еми Патмор и Ана Дворжак од Австралија.

Во чест на наградените беше прикажан „Сонцето не грее на сите страни“ на Глигор Кондовски. За наградите одлучуваше жирито во состав: Гоце Ристовски, писател, Дрита М. Фазлија, филмски продуцент и Мили Чумиќ, филмски продуцент и дистрибутер од Велика Британија. Тие изгледаа 23 филма.

Наградата „Ѓорѓи Абаџиев“ за сценарио се доделува на авторката Александра Кардалевска за нејзиниот филм „Сценариото“. Наградата „Ацо Алексов“ за режија се доделува на авторот Дејан Ангелов за филмот „Задача“ од Бугарија. Награда за филм од македонската продукција се доделува на македонскиот филм „Звукот на тишината“ на Анастасија Лазарова Пилинг.

Најдобар студентски филм е македонскиот „Новиот почеток“ на Тања Симоновска. Специјална награда за современ третман на традиционалните семејни вредности се доделува на филмот „Ирско збогување“ на авторите Том Беркли и Рос Вајт од Велика Британија.

Специјална награда за инвентивен ведар пристап кон теми што говорат за глобалната состојба на психоза во современиот свет се доделува на македонскиот филм „Тале и Корона“ на авторoт Томислав Алексов.

Специјална награда за придонес во разоткривањето на ефектите од алтернативниот уметнички креативен пристап наспрема конвенционалниот живот се доделува на македонскиот филм „Лука“ на авторот Ице Виранов.

Сподели