Имагинацијата денес е поважна од знаењето. Ако го ставате мозокот во употреба, секако дека може да бидете еден од најуспешените економисти. И АИ може да заврши многу работи што ние сме се труделе да ги завршиме порано. Знаењето и вештините се многу важни – рече проф. д-р Абдулменаф Беџети, на конференцијата „Чувари на мудроста“, што Халкбанк ја организираше на Економскиот факултет во Скопје.
Личното приватно и професионално искуство не може никој да ни го одземе во животот, но можеме да го споделиме со помладите и да инспирираме тие полесно да носат одлуки во својот живот. Бидете свои, бидете инаетливи, не слушајте многу совети, им порачаа наши доајени, професори, музички уметници, стопанственици на студенти од повеќе факултети на третата конференција „Чувари на мудроста“ што „Халкбанк“ ја организира на Економскиот факултет во Скопје.

– На овој настан се среќаваат генерациите, се споделува искуството, а се надеваме и дека се буди инспирацијата. И оваа година нашата конференција има исклучителна цел – да изгради мост помеѓу мудроста што се стекнува низ децении и младешката енергија што носи нови идеи и визии за иднината. Нашите панелисти се личности чии кариери зборуваат за упорност, позитивен импакт, успех и одговорност – вредности кои се подеднакво важни и денес. А од другата страна, ве имаме вас, студентите со добиена шанса да слушнете, прашувате и научите по нешто од оние кои чекореле пред вас – рече Маја Наумоска-Савеска, директор за маркетинг и корпоративни комуникации на Халкбанк АД Скопје.
Учесници на првиот панел „Курикулум на животниот и професионален развој“ беа академик Абдулменаф Беџети, професорот по административно право и јавна администрација, Борче Давитковски и професорот Љубе Трпески, кој во својата кариера беше професор на Економскиот факултет во Скопје, министер и гувернер на Народната Банка. Инспиративни искуства сподели и Муарем Муртезани, истакнат стопанственик, кој низ лични примери укажа колку е важно во се’ да се гледа предизвик, а не проблем. Говорниците не ја криеја радоста, но и честа да можат да зборуваат пред млади луѓе, а некои од нив и да се потсетат на професорските денови.

Теоријата е важна, но ако не е искомбинирана со пракса, тогаш не може да има резултат, рече Беџети, кој повеќе од четири децении е во високото образование. Тој вели дека треба да се менуваат и предметите што се изучуваат на факултетите денес, да се обрне повеќе внимание на современата економија, претприемништвото, иновациите, развојот и многу важно – на имагинацијата.
– Имагинацијата денес е поважна од знаењето. Ако го ставате мозокот во употреба, секако дека може да бидете еден од најуспешените економисти. И АИ може да заврши многу работи што ние сме се труделе да ги завршиме порано. Знаењето и вештините се многу важни. По неколку години не знаеме како ќе се реализира наставата. Може и нема да можеме студентите да ги донесеме во аула. Знаењето треба да ве води и да ви отвора врати. Јас бев одличен студент, многу работев и учев, не очекуваме од вашите генерации да работите по 10 часа дневно, вие можете да постигате работи со помалку работа. Во животот ме водел интегритетот и карактерот. Треба да преовладаат чесноста, принципиелноста, праведноста, да умеетеда расудувате здраво и без емоции – сподели Беџети и додаде дека се смета себеси за многу успешен човек.
-Годините ве прават и посмирен, но некогаш се залетував. Ние денес имаме криза на систем на вредности. Јас комбинирам и научна работа, но и реален сектор. Поставувајте прашања, тоа е многу важно и посветете се на мултитаскинг и добро организирање на вашето време. Борете се во нашата земја, во странство е добро за некои работи – ред, дисциплина, но никој не може да ми каже дека финансиски се живее покомотно.

Проф. Борче Давитковски дипломирал во 1977 година на Правниот факултет и бележи 43 години стаж. Неговата експертиза е вклучена во 170 закони. Тој им посочи на младите што сакаат можеби да се занимаваат со научна дејност, односно да останат на некој факулет, да се фокусираат на одреден предмет и да се задлабочат во таа област.
– Не се шетајте во политика, таа е проклета работа, цел живот кичмата ќе ви биде свиткана. Политиката истоштува и ве тргнува од она што треба да го работите. Читајте, надградувајте се. Американците велат кога ќе излезете од овие клупи, со 17.1 посто знаење. Останатите 82-3 посто ќе ги постигнете со многу работа. Работете го тоа што сакате и уживате. Социјалниот живот додека студирате е многу важен. Треба да го негувате, а гледам дека замира. Факултетот ви е втор дом. Искористете ги студентките денови максимално. Аулите на Правен и Економски некогаш беа полни, беше врвулица во бифеата, на сите факултети. Водете сметка покрај знаењето да бидете комплетна личност со интегритет и да дискутирате со аргументи – рече Давитковски, кој потцрта дека еден од најголемите проблеми за системот во кој живеат младите во Македонија денес е партизираната држава.
Проф. Љубе Трпески сподели дека по сакал да студира новинарство со цел да ги критикува девијациите на општеството, но по совет на пријатели се запишал на Економски факултет со можност и таа диплома да работи во медиум. Тој потсети и на времето кога беше гувернер, кога се воведе еврото.

– Мора да бидете упорни, не секогаш целта ја постигнуваат најталентираните, но упорните. По завршувањето на факултетот започнува учењето. Имав важни мисии и покани од врвот на државата тогаш и можев ли да одбијам да не бидам дел од тие работни групи? Ја вративме довербата во банкарскиот систем. Можев ли да одбијам? Мојата лична грешка е што премногу им верувам на луѓето, а луѓето на функциите се многу суетни. Ние сме мала земја, сите се знаеме и тоа не е добро. Знаењето мора да биде прв фактор – дециден е Трпески.
Муарем Муртезани е сопственик на фирмата „Алма-М“. На многу интересен и пластичен начин тој им го долови својот животен пат на младите.

– Алгоритамот мора да ви е подесен да размислувате позитивно. За мене нема проблем, има предизвик. Види, па одлучи, водете се по тоа. Се запишав во „Панче Арсовски“, татко ми имаше мисија да се вработам во Железара. Ме запишаа со две јагниња. Секој родител сака дете да му оди на школо, јас се откажав. Работев како овчар, возев трактор, камион. Кога потпишав договор со Wrigle знаев дека ништо не знам. Најголема мудрот е да знаеме дека ништо не знаеме. Во школо се учи како да се плива и кога сте биле во река, во базен, треба да се плива. Треба акција, дејство. Стив Џобс ми е омилен лик од чии книги сум учел. Не мора да значи ако татко ви е директор, дека и вие мора да бидете, или дека ако е лекар и вие морате. Бидете тоа што сакате искрено. Важно е да се читаат книги. Јас прочитав 150 книги од кои 50 од нив и по неколку пати. Јас денес велам дека лани сум бил глуп, а наредна година сакам да бидам помалку глуп. Важно е да и да имате авторитет со луѓето со кои работите. Се учи од грешките. Одете на пракса, тропајте на врата самите. Сакам да видам повеќе претприемачи во Македонија. Сакам да видам дека овде се трошат парите што ги заработуваме, а не на кафе во Грција. Осмелете се, отворајте ваши мали бизниси. И многу важно, не се опкружувајте со негативни луѓе – рече Муртезани.





