„Чиста куќа“ на Прилепскиот театар гостува во Гевгелија

Со претставата „Чиста куќа“, вечерва во 19 часот, Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ќе гостува на сцената на Народниот театар во Гевгелија. Претставата е работена според текст на Сара Рул, во превод и режија на Тамара Стојаноска.

„Чиста куќа“ е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови. Како што вели режисерката Стојаноска: „претставата зборува за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на простувањето, но и за љубовта и губењето на истата таа“.

Претставата ги истражува темите на емпатија, траума, детски спомени и семејни односи, користејќи вицови како симболичен филтер преку кој ликовите се справуваат со болката и животните тешкотии. Чистењето, како што објаснува режисерката, е метафора за прочистување на внатрешниот емоционален хаос, за грижа, љубов и обид да се врати
контролата во свет исполнет со несигурност.

Драматургијата е на Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, сценографијата и дизајнот на плакатот и рекламниот материјал се на Филип Коруновски, музички соработник е Ана Митоска, а изборот на костими е на режисерката во консултација со актерската екипа. Во претставата играат: Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска- Клинческа, Јасмина Мицовска- Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски.

Со својата поетичност, духовитост и магичен реализам, „Чиста куќа“ на Сара Рул нуди емотивно и инспиративно театарско искуство што потсетува дека токму во несовршеноста се крие вистинската човечност.

Гостувањето е во рамките на програмата за манифестацијата „Гевгелија – Град на културата“, поддржана од
Министерството за култура и туризам и Општина Гевгелија. Влезот е бесплатен.

Сподели