Со претставата „Чиста куќа“, вечерва во 19 часот, Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ќе гостува на сцената на Народниот театар во Гевгелија. Претставата е работена според текст на Сара Рул, во превод и режија на Тамара Стојаноска.
„Чиста куќа“ е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови. Како што вели режисерката Стојаноска: „претставата зборува за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на простувањето, но и за љубовта и губењето на истата таа“.

Претставата ги истражува темите на емпатија, траума, детски спомени и семејни односи, користејќи вицови како симболичен филтер преку кој ликовите се справуваат со болката и животните тешкотии. Чистењето, како што објаснува режисерката, е метафора за прочистување на внатрешниот емоционален хаос, за грижа, љубов и обид да се врати
контролата во свет исполнет со несигурност.
Драматургијата е на Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, сценографијата и дизајнот на плакатот и рекламниот материјал се на Филип Коруновски, музички соработник е Ана Митоска, а изборот на костими е на режисерката во консултација со актерската екипа. Во претставата играат: Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска- Клинческа, Јасмина Мицовска- Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски.
Со својата поетичност, духовитост и магичен реализам, „Чиста куќа“ на Сара Рул нуди емотивно и инспиративно театарско искуство што потсетува дека токму во несовршеноста се крие вистинската човечност.
Гостувањето е во рамките на програмата за манифестацијата „Гевгелија – Град на културата“, поддржана од
Министерството за култура и туризам и Општина Гевгелија. Влезот е бесплатен.





