Четирите тенори се во голем подем, одушевени се што настапуваат на отворањето на Охридско лето

Италијанските тенори се скромни и се свесни за големината на Охридско лето, за неговата традиција и траењето од 40 дена, што за ретко кој фестивал може да се каже – вели селекторката на музичката програма, Бисера Чадловска

На Античкиот театар во Охрид вечерва во 21 часот четирите тенори од Италија, Алесандро Косентино Д’ Акриса, Федерико Сера, Џовани Марија Палмија и Уго Тарквини со Оркестарот на Националната опера и балет ќе го отворат 62. издание на фестивалот Охридско лето. Диригент е нивниот сонародник, Лоренцо Бицари. На програмата се дела од Џ. Верди, Ф. Чилеа, Г. Доницети, В. ди Кјара, Л. Дала, Д. Модуњо, Р. Фалво, Ц. Андреа Биксио, П. Маскањи и други.

Во наредните 40 дена Охрид ќе живее со културата. Ќе бидат изведени 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. На пет сцени во Антички театар, Долни Сарај, во предворјето и во црквата „Св. Софија“ и во Центарот за култура ќе настапат повеќе од 1.000 уметници од 25 земји. Директорката на фестивалот Наташа Поповиќ најави атрактивна програма. Годинава селекторка на музичката програма е Бисера Чадловска, диригент во Националната опера и балет и Сања Арсовска, актерка од Драмски театар Скопје.

Сцената на Античкиот театар, од синоќешната генарална проба

– Со огромно задоволство најавувам дека Дирекцијата на фестивалот Охридско лето и Националната опера и балет се подготвени за најголемиот фестивал во нашата држава на кој ќе настапат уметници од целиот свет. Четворицата тенори се уметници што се во голем подем во моментов и настапуваат низ Европа. Тие се многу скромни по карактер и се прекрасни луѓе, отворени за соработка, имавме можност да се дружиме овие два дена додека се во Македонија. Одушевени од нашата земја и што ќе настапат на отворањето. Свесни се за големината на фестивалот и за неговата долга традиција, но и траење од 40 дена, што ретко кој фестивал може да го каже за себе – вели Чадловска.

Бисера Чадловска / Фото: Охридско лето

Алесандро Косентинo Д’Акриса дипломирал оперско пеење со високи оценки на Конзерваториумот во Козенца и дебитирал во улогата на Ренато во оперетата „Грофот од Луксембург“ од Лехар во Театарот „Рендано“ во Козенца. Оттогаш настапува во повеќе улоги во театри како Римската опера, театарот во Модена и Читавекија, театарот „Верди“ во Трст и др. Успешно ги доловува улогите на Пинкертон во „Мадам Батерфлај“, Неморино во „Љубовен напиток“, Бепе во „Палјачи“, Ернесто во „Дон Пасквале“ и др. Избран е од фондацијата „Лучано Павароти“ да настапува во шоуто „Белканто- наследството на Павароти“ под диригентската палка на Пасквале Менчисе.

                                                                             Алесандро Косентино Д’ Акриса

Федерико Сера е роден во 1987 година, а покажувал талент за музика и пеење од најрана возраст. На 11-годишна возраст победил на натпревар за поп пејачи, по што неговите родители го запишуваат на часови за пеење. Учествувал на повеќе натпревари за млади пејачи, а на седум од нив го освоил првото место. На 17 години се запишал на Високата школа за музика во Варезе со специјалност оперско пеење и пијано, по што следуваат долги години на студирање со Вито Марија Брунети, Џанфранко Чекеле, Федерико Лонги и Алфредо Занацо. Благодарејќи на неговата истрајност и одлични резултати, тој дебитира во театарот „Доницети“ во Бергамо во 2014 година. Во 2015 година настапуваа со филхармонијата во Верона и следи негова богата концертна активност во повеќе различни театри.

Федерико Сера

Џовани Марија Палмија дипломирал експериментално оперско пеење на Конзерваториумот „Ариго Боито“ во Парма, специјализирал на Школата за опера при театарот во Болоња и учествувал на мајсторски курсеви со Рената Ското и Мариела Девија. Почнал да настапува како хорски уметник во различни хорови, по што следуваат и улоги во оперите „Адријана Лекуврер“, „Риголето“, „Набуко“, „Аида“, „Трубадур“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Вертер“, „Кармен“ и др. Во 2016 година дебитира во улогата на Карло Мур во операта „Бандити“ од Верди на фестивалот „Верди“ во Парма, по што го толкува Гастон во „Травијата“ во театарот во Болоња. Во „Риголето“ е Матео Борса во продукцијата на театарот „Реџо“ во Парма во режија на Пјер Луиџи Самаритани, а диригирана од Франческо Иван Чампа по повод 50-от роденден на Лео Нучи.

Џовани Марија Палмија

Уго Тарквини ги завршил музичките студии по што специјализирал со познатиот тенор Никола Мартинучи, басот Алфредо Занацо и Лучета Бици. Настапува на престижни оперски сцени како Арената во Верона, „Бољшој“ во Москва, операта во Мускат, Центарот за уметности во Сеул, Театарот во Парма и др. Активно соработува со фондацијата „Лучано Павароти“ под чија организација настапува на многу концерти меѓу кои отворањето на фестивалската сезона во Арена ди Верона, во театарот „Бољшој“ и во театарот „Рубен Дарио“ на прослави и концерти посветени на Павароти. Меѓу главните улоги кои ги изведува се: Родолофо во „Боеми“, Пинкертон во „Мадам Батерфлај“, Роберто во „Ле Вали“, Тамино во „Волшебната флејта“, главната улога во „Дон Карлос“, Дон Хозе во „Кармен“ и многу други. По неговиот настап на натпреварот Ас.Ли.Ко. во 2013 година е одбран да ја толкува улогата на Ерик во „Летчкиот Холанѓанин“ во театарот во Комо, а во 2014 година по неговото учество на академијата на фестивалот „Пучини“, доделена му е улогата на Ринучио во „Џани Скики“. Покрај уметничките квалификации, Уго Тарквини има диплома за телекомуникациски инженеринг.

Уго Тарквини

Диригентот Лоренцо Бицари е роден во Болоња. Ги завршил студиите по пијано, оперско пеење и оперска режија во родниот град, а хорско диригирање дипломирал во 2003 година на Конзерваториумот во Ферара, додека пак оркестарско диригирање на Конзерваториумот во Парма во 2007 година. Учествувал на бројни мајсторски курсеви кај познати светски диригенти, а вниманието на критиката го привлекува откако станува еден од финалистите на натпреварот за диригенти во Сполето (2006) по што следат ангажмани со оркестрите во Модена, Ферара, Фиренца, Џенова, Парма и др. Од 1998 е диригент и уметнички раководител на хорот „Квадриклавио“ во Болоња, ансамбл специјализиран за изведба на сакрална музика. Долгогодишната соработка со овој хор на маестро Бицари му овозможува изведби на голем дел од сакралниот музички репертоар како што се мисите на Бах, Хајдн, Вивалди, Перголези, реквиемите на Моцарт, Верди и Фореи многу други. На оперската сцена диригира огромен број наслови, вклучително оние на големите италијански мајстори Верди, Пучини, Маскањи, Росини и др. Гостува во Романија и Бугарија, а уметнички раководител е на Парма Опера Арт и на оперскиот фестивал „Реџа ди Колорно“ во Парма.

Маестро Лоренцо Бицари

Оркестарот на Националната опера и балет опстојува во континуитет веќе 75 години. Основана е во 1947 година и своите почетоци ги реализира со тогашните расположливи професионални кадри, надополнети преку аудиции со членови од аматерските оркестарски и хорски ансамбли. Со доаѓањето на светски познатиот диригент Ловро Матачиќ започнува подемот на Операта. Се комплетираат оркестарот, хорот и солистичката екипа и почнува да се реализира разновидна репертоарска политика, со т.н. „железен репертоар“. Овие услови овозможуваат развој и квалитет на ансамблот, што од друга страна придонесува за можноста од претставување на истиот и надвор од границите на Македонија, во сите тогашни центри на поранешна Југославија (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Нови Сад), исто така и во странство: Лоѓ (Полска), Нирнберг (Германија), Стразбур (Франција), Букурешт (Романија), Софија (Бугарија), Тирана (Албанија) и др. Растот и развојот на Националната опера и балет придонесуваат за поголем интерес на публиката што било поттик во 1972 година да се востанови фестивалот „Мајски оперски вечери“. Фестивалот „Мајски оперски вечери“ е еден од ретките оперски фестивали во Европа и оваа година го одбележува својот 50-годишен јубилеј.

Сподели