Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Исмет Аземи – најдобри на „Актерот на Европа“

Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата во „Кармен“ на Драмски театар и Исмет Аземи за „Четирите еполети“ на Градскиот театар од Митровица, Косово се прогласени за најдобри актери на 20. Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“. Јубилејното издание заврши синоќа со доделување на наградите во Сарајот во Ресен. Претставата „Четирите еполети“ се здоби и со наградите за најдобра режија за Хаќиф Мулиќи и наградата „Преспански Дионис“ за косовскиот актер Басри Луштаку.
За најдобра претстава во целина беше прогласена „Пеликанот“, по текстот на Стриндберг, во изведба на независната театарска група од ИУ „Еуропа Прима“ – Скопје, во режија на Теодора Сиљаноска.

Претставата „Поетската вечност на Иго и Бодлер“ од Франција, во режија на Патрик Вершуерен ја доби наградата „Жак Лакариер“ за оригинална театарска инвентивност, додека „Синиот портокал“ на Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов Џинот“ од Велес беше најдобра, според публиката.

За наградите одлучи жирито во состав: Мето Јовановски, претседател, Елена Трајковска и Владимир Стојчевски, членови.

Во 20-годишното постоење, оваа единствена интернационална манифестација на бреговите на Преспанското езеро, има околу 200 библиографски единици во најпознатите европски новински медиуми како „Фигаро“, „Монд“, „Гардијан“ итн. Фестивалот започна летото 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Преспанското Езеро за Меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија.

 

Сподели