Весела Честоева е нов директор на Управата за заштита на културното наследство. Ова, меѓу другите кадровски решенија, денеска го одлучи Владата на својата трета седница. Таа доаѓа на местото на Зоран Павлов. Честоева дипломирала на Институтот за историја на уметноста и археологија при филозофскиот факултет во Скопје и магистрант на Институтот за национална историја. До 2024 година е директор на ЈОУ Вински музеј за регион Тиквеш-Кавадарци, а претходно и директор на Археолошкиот музеј на Македонија – Скопје, како и пратеник во Собранието.

Весела Честоева
Владата исто така постави нови кадри во Културно-информативните центри на Македонија во неколкуте земји од регионот, сите на предлог на министерот за култура Зоран Љутков.
Васко Шутаров, се именува за директор на Културно-информативниот центар во Белград, институција која е основана, но допрва треба да се одреди локација и да почне да функционира. Шутаров дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград, на насоката по дипломатија. Магистрирал во областа правни науки и применета дипломатија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и докторирал во областа политички науки на истиот универзитет. Бил советник во советот на Општина Гевгелија и пратеник во собранието, а автор е на број научни трудови и книги. Во периодот од 2011 до 2017 година, Шутаров беше министер-советник во македонската амбасада во Софија и директор на македонскиот Културно-информативен центар во Софија.

Васко Шутаров
Диме Ратајкоски се именува за директор на Културно-информативниот центар во Истанбул, Турција. Ратајковски е магистрант на катедра за Историја на УКИМ, а работи како новинар и уредник во МРТВ на Културно-документарна програма и автор и сценарист на документарни филмови.

Мими Ѓоргоска Илиевска
Мими Ѓоргоска Илиевска е именувана за директор на Културно-информативниот центар во Загреб, Хрватска. Ѓоргоска Илиевска е магистер по филолошки науки, универзитетски професор и експерт за заштита на аудиовизуелното наследство. Има повеќе од 20 години работно искуство во филмската дејност и дејноста на заштита на аудиовизуелното наследство. Член е на Европската филмска академија, а има раководено со Агенцијата за филм и Н.У. Кинотека.
На Влада денеска беа разрешени од должност национални координатори во различни области.





