Британската награда за „Браќа Манаки“ е доказ за квалитетот, мора да работиме на стабилноста на фестивалот

Британското друштво на кинематографери, едно од двете најпрестижни во светот, со 420 членови, го награди Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, со специјална награда за постигнување во светската кинематографија. Ова награда е круна на 45-годишната работа на фестивалот, истакна директорот Симеон- Мони Дамевски на вчерашната средба со новинарите. Тој истакна дека ова признание е резултат на довербата што Британското друштво ја има во нашиот фестивал и што го гледа неговиот развој. Наградата се однесува и на Друштвото на филмски работници на Македонија, кое е еден од главните основачи на фестивалот „Браќа Манаки“, и го избира неговиот директор, дополни Дамевски.

-Оваа награда е резултат на 45 години работа, на генерации работа на „ Манаки“, која што практично е крунисана сега. Ова е големо признание за нас. Оваа награда не знам дали ја има добиено некој друг фестивал во светот. Тие се многу среќни со тоа што го правиме овде, особено последниве години, во промоцијата на кинематографската уметност. Зашто ние многу вложуваме последниве 2-3 години во видливоста на фестивалот рече Дамевски.

Тој истакна дека веќе се подготовува новото издание на фестивалот. Полека се надминува проблемот со неисплатените пари за претходниите изданија, исплатени се соработниците, а благодарение на соработка со спонзори и добиени проекти, фестивалот ќе може полесно да дише во претстојното издание. Имаме обврска да го задржеме квалитетот на фестивалот, да биде со интимна атмосфера каква што Битола дава и има. Фестивалот има голема програма, ќе го зголемиме и тимот што ќе работи, истакна Дамевски. Пролетва ќе треба да се одржат нови избори за директор на фестивалот.

-Единственото ограничување за растот на фестивалот по број на гости е сместувачкиот капацитет. Второто ограничување е бројот на кината во Битола. Ние имаме идеја да вложиме во уште едно кино, во театарот каде би се реализирала програмата „Мак поинт“.  Приоритет ни е да се зголеми квалитетот на услугите, имаме 6 натпреварувачки програми. Фестивалот мора да покаже слика на стабилност. Ние пораснавме, почнаа да доаѓаат спонзорите, имавме еден странски спонзор првата година, два во втората и третата, седум имавме четвртата година, а сега имаме најава за 13. Тие бараат грижа и внимание. Тие бараат стабилност за да знаат дали долгорочно ќе бидат со нас. Фестивалит никнуваат во светот. Грците направија „Манакија“. Во Мајорка е фестивалот на кинематографери исто така. Во моментов ние сме позиционирани практично како први со оваа награда – рече Дамевски.

Сподели