Човек треба да остане човек и тогаш кога апсурдниот свет околу него му го зборува спротивното

Од првата проба до последната изведба на „12“, целата екипа дишеме како еден, има прекрасна енергија на секоја средба, чувството на среќа е постојано присутно и заради преполното гледалиште во големата сала на МНТ. Изведувањето на претставата е посебна привилегија, бидејќи размената на енергии на 12 талентирани и искусни колеги е навистина незаменливо чувство.

2024 година беше негова. Неколку премиери, неколку важни големи улоги – „12“, „Бог на колежот“, претстави на репертоар, кратки филмови… Ѓорѓи Јолевски е актер кој со голема посветеност и пристапува на секоја и најмала улога. Првенецот на МНТ е пример дека секој нов ден е нов предизвик на сцената и дека на стара слава уметник не треба да се потпира. Јолевски е дел од ансамблот на Македонскиот народен театар од 1999 година, а претходно седум години беше во редовите на Драмскиот театар.

Ако треба да прошетате низ месеците од минатата година, како ја доживувате 2024-та професионално?

– 2024 година беше исклучително динамична и возбудлива. Ќе ја запаметам како година на голем креативен набој кој финишираше со две премиери во ноември и декември, фестивали, награди, преговори за идни проекти/претстави. И по некој краток филм.
При крајот на пролетта почнавме со пробите на „Бог на колежот“ на Јасмина Реза, а во режија на Весна Петрушевска, копродукциски проект во кој игра прекрасна актерска екипа. Доцна пролет се случи и фестивалот „Војдан Чернодрински“ каде што за улогата на Лебедев во „Иванов“ ја добив наградата за најдобра епизода на Фестивалот. Летото беше за одмoрање, но се случи жирирање во Галичник на филмскиот фестивал за краток филм.
Би рекол божествен период бидејќи гледањето филмови на отворено, во Галичник, додека паѓаат ѕвезди и разговорите со младите филмаџии беше драгоцено искуство за мене. Веќе од рана есен почнаа подготовките на „12“ на Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов и продолживме со подготовките на „Бог на колежот“ . И двете имаа премиери на крајот на годината. Овој период ќе го запаметам како многу интензивен и по малку ризичен, бидејќи да се создаваат два потполно различни ликови, со различни теми и околности, е навистина многу тешко. Ликови со различни карактери, интереси, перформанси, јазик и однесување кои треба да се родат во исто време. Навистина период за паметење.

„12“ ја одбележа годината во МНТ, иако излезе во ноември, сепак, возбудувањето беше големо дури се очекуваше, а тоа се потврди и со фактот дека претставата е веќе распродадена неколку месеци однапред. Убаво ли е чувството да се биде дел од претстава што предизвикува глад кај публиката?

– Во моментот кога МНТ ја најави претставата и ја објави поделата, почна „лудилото“ наречено „12“. Очигледно дека и за театарот и за публиката од голема важност се актерите, кои во својот живот оставиле силен печат во создавањето на современиот македонски театар, да бидат заедно и да ја покажат својата сила, умешност, енергија и љубов во креирањето на едно уметничко дело, имајќи голема почит еден кон друг и почит кон публиката, која ја препозна оваа идеја. „12“ нуди тема која е актуелна во Македонија и во регионот.

Медиумите се преполни со известувања за насилство врз деца и насилство од деца, кои пак живеат во држави каде правниот систем не може да се справи овие состојби. Иако нашиот правен систем не е како во делото на Роуз, сепак некомпетентноста на луѓето кои одлучуваат за судбините на обвинетите и распаднатиот правен систем е главната нота врз која Евтимов ја базира својата режисерска концепција. Од првата проба до последната изведба целата екипа дишеме како еден, има прекрасна енергија на секоја средба, чувството на среќа е постојано присутно и заради преполното гледалиште во големата сала на МНТ. Изведувањето на претставата е посебна привилегија, бидејќи размената на енергии на 12 талентирани и искусни колеги е навистина незаменливо чувство. Се разбира дека големите аплаузи и овации после секоја изведба се награда за сите нас, бидејќи публиката го препознава нашиот влог и не е изневерена од очекувањата.

Во „Бог на колежот“ Ве видовме во едно поинакво светло, во лик којшто суптилно се трансформира во немилосрден лик. Какво актерско патување беше овој текст на Реза и соработката со колегите актери (М. Дамевски, Д. Ризова и Н. Теодосиева)?

– Претставата „Бог на колежот“ од Јасмина Реза, една од највлијателните современи писателки во светот, а во режија на Весна Петрушевска имаше неколку фази на работа. Почнавме во мај и читачките проби или анализата на текстот, ги работевме до почетокот на јули. Потоа продолживме во октомври и паралелно работев и на оваа претстава и на „12“. Среќа што и двете се случуваат во МНТ, па не морав воопшто да излегувам од театар. Премиерата се случи неколку дена пред Нова година. Тоа ми беше прва средба на сцена со Мони Дамевски со кого се познаваме одамна, но вистинското запознавање е кога работиш со некого заедно. Професионалец од вистински ков.

Наталија Теодосиева е млада актерка, која во моментов го етаблира своето уметничко кредо и големо задоволство е да се гледа со каква страст пристапува кон градењето на улогата. Дарја Ризова е нашата ѕвезда, искусна и воркохолик. Веќе една декада, од нејзината појава во театарот работиме во континуитет и сме директни партнери во мноштво претстави. Вистинско уживање е да се работи во оваа „опасна“ четворка, во претстава која е преполна со брзи промени, менување мислења, ставови, карактери, сојузи и разбивање на сојузите, претстава полна со агресија и откривање тајни кои ги има во секој брак. За мене беше многу значајна работата врз јазикот на претставата. На почетокот го говорам стандардниот македонски јазик за потоа како што почнува да се распаѓа семејството, така се распаѓа односно се менува јазикот во колоквијален, во дијалект, во уличарски говор. Весна Петрушевска дојде со многу силен и чист концепт, со сериозен аналитичен пристап токму на темата врсничко насилство и причините за истото. Нејзиниот вечен оптимизам и во најтешките моменти ни даваше додатна енергија да дојдеме до претстава која е гордост на екипата, театарот и која публиката, секогаш во полна сала, ја наградува со овации.

Велат монодрамата е меѓу најтешките жанрови воопшто и бара соодветна зрелост на актерите. Вашата „Последната лента на Крап“ е на репертоарот четири години. Како еволуира претставата низ секоја наредна изведба, дали имате потреба да ја менувате или забележувате промени во неа?

– „Последната лента на Крап“ е љубовна приказна за еден старец кој 40 години е во самоизолација, полуглув, полуслеп и дементен, кој чувството за љубов го бара во „кутија три… лента пет“, лентата снимена некогаш во минатото на која ја опишува средбата со љубената. Но пречките што му ги поставува Бекет се Сизифовски и Крап мора да има силна мотивација за живот за да дојде до посакуваното чувство. „Последната лента на Крап“ е мојата втора професионална монодрама после „ЕЕГ“, и двете во моја режија, продукција и изведба, создадени како копродукциски проекти со МНТ. Да се работи Бекет за мене е секогаш големо уживање. Првата средба со него беше работата на „ Чекајќи го Годо “, кога го толкував ликот на Естрагон, во режија на Љубиша Георгиевски, во Драмски театар. Секоја средба се Бекет е светлина и радост, благодет е да се биде во неговиот свет.

Идеална можност мракот и тишината да ги претвориш во сигурно прибежиште за средба со себе си. Претставата е направена во пандемијата и е единствената премирна изведба на МНТ во 2020 година. Што се однесува до менувањето, би рекол дека претставата е иста како на премиерата, нема измени во начинот на играње, бидејќи кај Бекет нема импровизации, сè е детерминирано, но се менуваат контекстите на играње… пандемија, постпандемија, избори, убиства, глобални војни… Светот во кој живееме се менува секојдневно, не многу на подобро, а претставата е стабилна, како и Бекетовиот свет.

Со оглед на тоа колку е важна темата на судењето на луѓето меѓу себе (во „12“), Ви се случуваше ли да имате и сопствено преиспитување на Вашите лични ставови/судови за одредени теми?

– Убавината на нашата професија е тоа што актерот мора да биде отворен кон сè. Да биде спремен да учи, но во исто време да дејствува сериозно во однос на темата. „ 12“ ни ги отвори сите прашања што си ги поставуваме во однос на правото, правдата, етиката, моралните постапки, јазикот кој го користиме, слободата на мисла или постапка, примитивизмот и нетолерантноста, предрасудите, шовинизмот… Доколку имаме отворен ум се разбира дека сме во постојано преиспитување, не само на туѓите постапки, туку посебно на сопствените.

Коригирањето на себеси е важно, добро и исцелувачки. Менувањето го правиме постојано и така се градиме во личности какви што сакаме да се гледаме. Лудилото кое се случува во општеството не те остава да бидеш спокоен и те држи спремен. Во овој миг медиумите и социјалните мрежи не вовлекуваат во теми како што е судењето на обвинетите за убиството на малата Вања, убиството на Фросина, исчезнувањето на Миле Тодоров, укинување на филозофијата, логиката, етиката во гимназиското образование, демонстрации на север поттикнати од несреќата и смртта на 15 луѓе во Нови Сад, војна во Украина, привидот на мир на Блискиот Исток… Како човек да не помисли дека светот е полуден и станува неподносливо место за живеење?

Човек треба да биде спремен да остане човек во услови кога апсурдниот свет околу него му го зборува обратното. Во тој контекст, „12“ е одлична тема во вистинско време. Кога личниот арсенал на актерот за одбрана од атакот на примитивизам и агресија ќе се спои со 12 колеги/сомисленици, тогаш резултатот е ангажирана претстава, која ја обединува публиката во идејата да се слави алтруизмот и слободата.

За улогата во „Иванов“ ја добивте наградата за најдобра споредна машка улога на последниот МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Често соработувате со Бузалковска, а ова беше уште една претстава што бараше голем актерски влог. Ви значи ли ова признание од најголемиот театарски фестивал во земјава?

-„Иванов“ е мојата прва средба со Чехов и тоа беше љубов на прв поглед. Како што беше случајот со Шекспир, Достоевски, Бекет, Јонеско… Да се креира ликот на Лебедев, таткото кој ќе направи сè за својата ќерка, беше вистинско патешествие. Големите автори се повикуваат на големите драматичари од историјата на театарот, па така и Чехов се повикува на Шекспир и неговиот „Хамлет“ во создавањето на „ Иванов“. Тој пат сум го изодел и ми беше многу возбудливо да ги гледам Хамлетовите дилеми низ перспективата на Лебедев. Тој стар пијаница, полн со разбирање за сите, кој се обидува во бруталниот свет на парите да опстане и да ги заштити оние кои ги сака и почитува. Со Зоја Бузалковска се познаваме цел живот, но прв пат работам со неа. Нејзината методичност, стаменост, инвентивност и почит кон соработниците, доведоа до силен фокус не само на актерската екипа, туку и на целокупниот креативен тим, кој со голема жар застана зад необичниот концепт, кој резултираше со седум награди на нашиот најголем театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Наградата секако ми значи бидејќи и публиката, но и стручното жири го препозна мојот влог. Посебно на Фестивалот каде што сум учествувал со различни претстави и продукции уште на самиот почеток на кариерата и имам пет награди на истиот, за млад актер, три за главна улога и 2024 година за Лебедев за епизодна улога. Останува уште за животно дело, но за неа сум многу млад ха ха ха.

ШтоВе очекува годинава на сцена? Дали се на повидок и нови проекти?

– Имам голема среќа што, од почетокот на мојата кариера до сега, во континуитет создавам. Тоа го планирам и во времето што доаѓа. Репертоарот што го имам во мојата матична куќа е полн со изведби и гостувања. Планирани се две нови претстави во МНТ. Едната е продукција на МНТ и една копродукција и претстава која треба да ја работам по покана како гостувачки актер во друг ансамбл. Насловите нема да ги објавам сега, ќе почекаме до следната средба. Во секој случај минатата година беше многу плодна, возбудлива, енергична и за мене значајна. Се надевам дека 2025 ќе го задржи истото темпо и ќе ми отвори нови улоги, светови, соработки и средби со уметници кои театарот го нарекуваат свој дом и кои ги реализираат своите соништа во тој свет сон.

Сподели