„Браќа Манаки“: Како во старите времиња, битолчани ќе раскажуваат филм на Широк сокак

Како што во минатото старите битолчани седеле на Широк сокак и раскажувале филм, така Моџо, Паркети, Виктор Апостоловски и други битолчани одбрале по една филмска тема на која ќе зборуваат на промотивниот пулт на најпознатата улица во Битола. Градот се подготвува за 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола кој почнува во четврток. Директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски на вчерашната прес-конференција рече дека се радува што годинава фетивалот ќе се одржи.

– Се прилагодивме на околностите. Годинава имаме ОФФ-фест програма, а благодарение на Слаѓан Пенев имаме одлични филмови – рече Дамевски.

Селекторот на официјалната програма Слаѓан Пенев ја презентираше филмската програма која претставува врв на сè она што е актуелно во филмската уметност во моментов.

Тоше Ивановски е координатор на ОФФ-програмата и истакна дека Битола како рамноправен партнер на фестивалот треба да преземе што повеќе предизвици и што повеќе битолчани да бидат вклучени во фестивалот. Два пункта на Широк сокак ќе бидат промотивни точки каде сите минувачи ќе го почуствуваат градот жив и разигран. Покрај раскажувањето филм, ќе учествуваат и музичари, фото клубот од Битола ќе има изложба, пантомима, ќе има сегмент „Живи слики“, филмска музика ќе се изведува на Широк сокак.

Сподели