Македонската кинематографија и европското авторско кино се пресретнуваат во едно заедничко, пулсирачко движење во декемвриската програма на Кинотеката на Македонија. Во средиштето на програмата се новите македонски филмови, кои ја реафирмираат свежината и зрелоста на домашната продукција, велат од Кинотеката. Премиерите на долгометражните наслови од Георги Унковски, „Диџеј Ахмет“, Теона Стругар-Митевска со „Мајка“, со интернационалната ѕвезда Нуми Рапас и Јани Бојаџи со „Утре наутро“ цртаат жанровски и стилски шаренолик пејзаж Програмата ја прошируваат и внимателно избраните европски филмови од актуелниот фестивалски корпус: новиот филм „Партенопе“ на Паоло Сорентино, со Гери Олдман во една од улогите, како и најновото дело на романскиот автор Раду Жуде. Особено значајно е што дел од декемврискиот репертоар ќе биде исполнет и со програмата на Синедејс 2025. Во текот на декември, публиката ќе има можност да проследи внимателно курирана филмска програма со значајни европски и македонски остварувања, прикажани во неколку термини.
Публиката ќе моѓе да ги види: „Диџеј Ахмет“, во режија на Георги М. Унковски, (Македонија, 2025 година), со Ариф Јакуп, Агуш Агушев, Аксел Мехме и Дора Акан Златанова. Ова е интимна драма за тинејџер кој преку музиката бара сопствен пат во традиционална средина.
„Партенопе“, на Паоло Сорентино, (Италија, 2024), со Селесте Дала Порта, Стефаниа Сандрели и Гери Олдман, е визуелно раскошна приказна за животот на една жена и нејзината потрага по љубов и слобода во Неапол.
Во рамките на „Синедејс“ ќе биде прикажан и филмот „Пиги“, во режија Карлота Переда, (Шпанија, 2022), со Лаура Галан и Кармен Маки, психолошки трилер за малтретирање, стигма и насилна катарза.
„Вермилјо“, во режија на Маура Делперо, (Италија/Франција/Белгија, 2025), со Мартина Скринѕи и Џузепе Де Доменико, е семејна драма сместена во алпско село на крајот од Втората светска војна.
Домашната продукција е застапена и со „Утре наутро“, режија Јани Бојаџи, (Македонија, 2025), со Нина Деан и Ирена Илиевска, политички трилер за моќ, манипулација и бегство во мала источна европска држава.
Филмот „Мајка“, во режија на Теона Стругар Митевска, (Белгија/Северна Македонија/Шведска/ Индија/БиХ/Данска, 2025), со Нуми Рапас и Никола Ристановски, ја следи духовната дилема на Мајка Тереза во пресуден момент од нејзиниот живот.
За најмладата публика е наменет анимираниот филм „Тафити и пустинската авантура“, режија Нина Велс и Тимо Берг, (Германија, 2025), со Козима Хенман и Томас Шмукерт, авантуристичка приказна за пријателство и храброст.
Документарниот филм „Планината не оди никаде“, режија Петра Селишкар, (Словенија/ Македонија/Франција, 2025), нуди поетски поглед кон животот на овчарско семејство во македонските планини.
„Што знае Мариеле“, во режија на Фредерик Хамбалек, (Германија, 2025), со Јулија Јентх и Феликс Крамер, е семејна драма со фантастичен пресврт што ги разоткрива скриените односи меѓу родителите и детето.
Филмската програма ја заокружува „Континентал’ 25“, режија Раду Јуде, (Романија/Швајцарија/ Луксембург/Бразил, 2025), со Естер Томпа, остра социјална сатира за моралот, капитализмот и одговорноста.





