Руската пијанистка Гамазда (Александра Кузнецова) ќе настапи вечерва во 20 часот во Центарот за култура во Битола, на затворањето на 17. Фестивал на музиката на светот. Гамазда е професионална пијанистка која свири од тригодишна возраст. Дипломирала со почести на престижниот конзерваториум „Чајковски“ и е лауреат на меѓународни натпревари.
Внесувајќи ја класичната техника на модерна сцена, таа ги преосмислува иконските рок и метал песни со експлозивна енергија на пијано. Нејзините преработки добија милиони прегледи на „Јутјуб“ и добија пофалби од бендови како „Ред хот чили пеперс“, Papa Roach и Tool.
Од „Металика“ до Моцарт, од Ханс Цимер до „Квин“, овој концерт е патување низ иконската музика од 80-тите, 90-тите и 2000-тите – изведена со неверојатна виртуозност и моќен рок дух.
-Без разлика дали го сакате класичното пијано или ви недостига суровата енергија на рокот, оваа претстава ги спојува сите заедно. Музиката што ја знаете и ја сакате – каква што никогаш порано не сте ја слушнале. Со својот уникатен музички стил и фасцинантни изведби, Гамазда продолжува да расте со глобална и посветена база на обожаватели – велат организаторите.





