Голем дел од впечатоците забележани на овие скромни страници на книгата се создавани токму за време на фестивалските денови во Битола
Битолска промоција на книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска ќе се одржи денеска во 12 часот во кафулето „Порта џез“. Книгата, своевидна ретроспектива на сè што е снимено во Македонија од осамостојувањето до моментот на издавање на делото во април имаше промоција во Скопје. Василевска вели дека во изминатите месеци во повеќе наврати во медиумите беше исцрпено нејзиното преставување. Сепак, Битола е многу значаен град за историјата и развојот на македонската кинематографија, тоа е градот на првите сниматели на Балканот, во чија чест е оформен и фестивалот со завидни 45 изданија кои ја слават работата на кинематограферите.

Ана Василевска
– Голем дел од впечатоците забележани на овие скромни страници на книгата се создавани токму за време на фестивалските денови во Битола. Затоа особено ми е драго што на мојата омилена битолска локација „Порта џез“, со пладневно капучино, ќе биде претставена книгата пред Битолчани. Во неформална дружба, кон книгата ќе се осврне филмскиот критичар Влатко Галевски, и уверена сум дека нема да ја заобиколи и неговата критичност кон овој текст, но и нему својствено духовито експозе. Ова матине со мирис и вкус на капучино, и џез музика е осмислено да ја потенцира дискретната и шармантна страна на нашиот филм. Важно е, заедно со посетителите да се потсетиме на тие три децении на развојот на македонската кинематографија, да си размениме мислења, и убаво да се дружиме – вели Василевска.

Битолската промоција се одржува на еден ден пред затворањето на 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Деновове Битола дише за филмот, градот е полн со странци. Василевска, која го следи фестивалот повече од 25 години, објаснува дека фестивалските гости, меѓу кои има великани на светската кинематографија, како и нови кинематограферски надежи, секогаш си заминуваат од Битола со желба повторно да дојдат. На прашањето колку се тие запознаени со состојбата во македонската кинематографија, Василевска вели:
– Секако дека тука имаат и можност да погледнат по некој македонски филм, доколку имаме среќа да биде селектиран во програмата. Ревијалната програма „Мак поинт“, беше можност странците да погледнат побројна продукција, но таа програма, за жал повеќе не е дел од фестивалот. Така што, тие имаат некаков парцијален увид во нашата кинематографија, но со хронологијата или пак историјата, малку или воопшто не се запознаени – објаснува таа.

Од скопската промоција: Даријан Пејовски, Ана Опачиќ и Ана Василевска
На скопската промоција пролетва, режисерот Даријан Пејовски рече дека се фрапирал колку многу филмови биле снимени во Македонија во изминатите три децении. Едноставно забораваме на нив. Според Василевска, интернет просторот овозможува со лесно пребарување да се дојде до информациите за сè и сешто. Од друга страна брзината и океанот од информации тешко овозможуваат целина, заокружување на историјата.
– Затоа, оваа книга е обид да се сублимираат нештата, наместа субјективно, но фактите се тие кои ја оформуваат целината. Филмолошки изданија изданија ни се потребни во различни сегменти што ќе ја опфатат кинематографијата – од осврти, рецензии, филмска критика, до теоретски толкувања на драматургијата, до хроники и записи. Ваквите изданија се пресек, приказ кој ќе ја сочува меморијата, и сведоштва за грижата кон нашата кинематогрфија и нејзиното достоинство – вели таа.
Василевска најавува дека во план е преводот на книгата, веројатно тоа ќе биде малку со видоизменет текст од постоечкиот, со повеќе информации.
– Се надевам дека такво четиво на англиски јазик ќе може веќе идната година да биде достапно за странските фестивалски гости, како уште еден отпечатен спомен со кој ќе си заминат од малечката Македонија која си ги почитува своите филмски автори и филмска историја – вели Василевска.





