Битно ми е да видам дека актерот дошол на работа, не на ракија

„Современи театарски осврти“ содржи 12 осврти на претстави од национални театри и 7 од независна сцена, објавени на Умно.мк во изминатите три години. Сè почна со „Декамерон“ на Прилепскиот театар и текстот „Параходот на Бокачо ,ојден‘ за Германија via Прилеп“, објавен во март 2022 година

Како реагира македонската јавноста на критиката, во случајов театарската критика? Зошто малкумина ја сфаќаат сериозно, како нечиј став дека нештата се добро или не толку добро направени, па од оваа појдовна точка ја ревидираат својата работа како актери, режисери, драматурзи … И зошто негативната критика секогаш се дочекува на нож? Ова се дел од аспектите што синоќа ги опфати Звонко Димоски, културолог, театарски рецензент, преведувач, менаџер во културата на промоцијата на неговата книга „Современи театарски осврти“ што се одржа во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Ова беше втора промоција, по таа во Прилеп пред неколку дена. Во полната „Буква“ низ разговорот го водеше новинарката Сребра Ѓорѓијевска, соосновач на Умно.мк, која се наврати на неговите почетоци во македонската јавност, на текстовите потпишани од име кое за многумина беше непознато. Малкумина знаеја за неговиот животен пат и богатото портфолио на преведувач и препејувач од полски јазик, едукатор, долгогодишен предавач на Универзитетот „Адам Мицкјевиќ“ во Полска, идеен креатор и менаџер на проекти од областа на културата и социјалното претприемништво, основач и проектен менаџер на „Јавен Простор Прилеп“. И голем вљубеник во театарот.

Звонко Димоски / Фото: Маја Јаневска-Илиева / преземено од: ppj.mk

„Современи театарски осврти“ содржи 12 осврти на претстави од национални театри и 7 од независна сцена, објавени на Умно.мк во изминатите три години. Сè почна со „Декамерон“ на Прилепскиот театар и текстот „Параходот на Бокачо,ојден‘ за Германија via Прилеп“, објавен во март 2022 година…

– Текстовите се објавувани во последните три години, колку што сум физички присутен во Македонија и можам да ги гледам претставите. Во меѓувреме Ана Стојановска (уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ н.з.) ме покани на едно друго патување и беше добар момент, да почнам да го објавувам тоа што одамна го правев. Не сакав да пишувам описен наративен текст, си поставив задача да го анализирам од изворникот и да трагам по интермедијалноста и тоа по она што ми е најинтересно – субверзивноста – објасни Димоски.

Сребра Ѓорѓијевска и Звонко Димоски / Фото: Маја Јаневска-Илиева / преземено од: ppj.mk

Критичките осврти на Димоски се секогаш аргументирани. По секој објавен текст, особено по првиот, добивал многу писма, електронски пораки, детални реплицирања понекогаш на неколку страници. За жал, никој не го прифатил неговиот предлог да бидат јавно објавени, како две паралелни гледишта на една претстава.

– Првиот текст имаше лавина од коментари, мејлови, приватни пораки, дали сум компетентен, „Некој што 20 години ништо не правел и сега ќе пишува за театар“. Имаат мислење, но не го искажуваат јавно. Никој не сакаше да се објави иако некои беа во многу развиена форма како одговор на мојот пристап. Најпогодени се секогаш драматурзите. Но, имаше две интересни ситуации со режисери кои се согласија со моите ставови, но вината ја префрлија на актерите „кои не ја разбрале нивната визија“ – објасни Димоски.

На прашањето дали некогаш се пишманил за критика што ја напишал вели:

– Се случило неколкупати. Но, никогаш не се однесувало на ставот, туку на конкретен пасус кој сум можел понежно да го формулирам. За разлика од објавените осврти, во книгата на 3-4 места интервенирав и го ублажив наративот. Често пишувам дека театрите се преполни со необразовани луѓе. Ме возбудува и понесува идејата колку актерите не се грижат за физичкиот изглед. Мегаломанските предиспозиции на некои режисери … – рече Димоски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева / преземено од: ppj.mk

Тој се наврати на неодамнешната промоција на книгата во Прилеп, каде во еден момент престанала да биде промоција и се развила во дебата дали критиката денес е потребна или публиката е единствено меродавна за квалитетот на една претстава.

– Во Прилеп има многу публика што искрено го сака театарот. Но, често велам дека Прилеп повеќе го сала театарот од луѓето вклучени во театарот. Се отвори простор публиката да го чуе ставот на актерите. Се отвори дискусија дали треба да се анализираат претставите или доволно е емоционалното доживување. Интересна дискусија што траеше два часа. Предложив да организираме средби на актерите со граѓаните и ќе го направиме тоа – раскажа Димоски.

Тој зборуваше на многу нешта што не му се допаѓаат во македонскиот театар – актерите често воведуваат свои приказни во основниот текст и тоа толку се повторува што губи секаква смисла. Луѓето што работат во театрите не се интересираат што работат нивните колеги, не гледаат претстави на други театри …

– Навистина сметам ако ме те интересира што прават другите во твојата бранша, треба да си заминеш – дециден е Димоски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева / преземено од: ppj.mk

На прашањето зошто ни е проблем да бидеме искрени и дали се воздржува кога пишува за Прилепскиот театар кој е во неговиот роден град, Димоски искрено одговори:

– Не би било во ред да одговорам „не“. Да, се случувало да се воздржам од суров коментар, или групно коментирам за да избегнам поединечни анализи. Тоа не било во ред. Или сум прескокнал да пишувам за претставата зашто немам што да напишам. Така е за последните четири претстави во Прилепски театар. Се надевам дека наредната нема да биде таква – одговори тој.

За својата работа вели дека насловот е многу важен. Го смислува додека ја гледа претставата. И оттука почнува сè. Но, додека не најде соодветен пристап за претстават, воопшто не пишува. А кога ќе се случи „моментот“, после сè е многу брзо и лесно и вешто.

Низ годините Димоски запознал фантастични луѓе што работат во независни продукции. Преку овие контакти и самиот се надградува.

– Голема поддршка им давам на независните продукции. И често се карам со млади уметници на почетокот на својата кариера и имаат ниско мислење за себеси и за тоа што го работат. Сметам дека вакви ставови прават голема штета на нивниот развој – рече Димоски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева / преземено од: ppj.mk

„Современи театарски осврти“ е нумерирана како Книга 1. Тој ќе продолжи да пишува за театар и за многу други теми што ја третираат културата, како идолатризацијата на културно наследство на пример. Би сакал во книга преведени на македонски јазик да ги објави и сите текстови што ги објавувал во странство. Промоцијата заврши со одговор на прашањето како би сакал да го види македонскиот театар.

– Пред сè сакам да видам функционален театар, тоа што го гледам да биде во функција на текстот. Многу сакам адаптации, но тоа бара многу читање и длабоко знаење и умешност. Сакам режисери што се посветени на идејата, сакам социјален театар, но да не биде банализиран. Сакам нови театарски претстави, литературата на драмската сцена е преразновидна, да се земат превод такви текстови. И битно ми е да видам дека актерот дошол на работа, не на ракија – заврши Димоски.

Сподели