„Биографија на аналогниот магнетофон“ – интердисциплинарен научен труд од Вангел Башевски-Барми

„Да бидам искрен, јас не сакав во животот да се занимавам со пишување и ,филозофирање’. Мечтаев да бидам како Џорџ Мартин, продуцентот на ,Битлси’, но судбината ме однесе во друг правец“. Со овие зборови Вангел Башевски-Барми го поздравува читателот во предговорот на „Биографија на аналогниот магнетофон“, комплексно дело на околу 550 страници, издание на „Слово“ од Скопје.

Книгата е интердисциплинарен научен труд, резултат на шесттгодишно темелно истражување во музичката и филмската уметност, звучниот инженеринг, акустиката, физиката, електротехниката и други сфери. Компилација од нешта поврзани со културата и ументоста и научно-технички поими.

– Јас сум дипломиран во сферата на звучниот инженеринг, но посебно ме влечеше „тонската археологија“, т.е. историјата на аудиотехнологијата, па и тоа е застапено во оваа книга – објаснува тој во предговорот.

Книгата е поддржана од Министерството за култура, оценета како проект од национален интерес. Сепак, поради ограничен буџет и низа околности објавена е во исклучително скромен тираж. Башевски-Барми ги објаснува сите препреки со кои се соочувал од идејата до моментот на излегувањето на книгата од печат, па самиот предговор е своевиден есеј исполнет со многу заплети.

Од историјата на звучното снимање, преку основни дефиниции за звукот, принцип на работа и конструкција и процедури, првите стотина страници се посветени на (електро)техничкиот дел кој се однесува на звукот. Следува предисторијата на аналогниот магнетофон, неговиот развој и примена во 20 век. Потоа развојот на магнетофонот е детаљно расчленет географски, на околу 300 страници – од Соединетите Американси Држави, преку Велика Британија и скандинавските земји, Јапонија и Западна Европа, Советскиот Сојуз и Источна Европа, состојбите и развојот во Југославија и во Македонија, со осврт и кон остатнтатите земји, Австрија, Австралија, Кина, Јужна Америка, Јамајка, Блискиот Исток.

Монументалното издание е печатено во тираж од 300 примероци, а го има само во печатено издание. Самиот автор вели дека во книгата го избегнува формалниот речник и уфла по некоја шега или анегдота за да го избегне строгиот академски стил.

– Сепак, книгата е сериозно научно и културлолошко истражување, а не обид за профитирање преку забава – вели авторот.

Вангел Башевски, познат под псевдонимот Барми работи како блогер, новинар, радиоводител, активен е во книгоиздателската и музичката дејност. Диплoмирал на полето на звучниот инженеринг, а протходоно ја изучувал ликовната уметност, општата историја и новинарството. Веќе 11 години го води својот веб портал vbb.mk.

Сподели