„КМ 82: Гласот на носачите на Камино Инка“ – најдобар краток филм на Фестивалот на планински филм „Ехо“

Најдобар краток филм на Фестивалот за планински филм „Ехо“ е „КМ 82: Гласот на носачите на Камино Инка“ во Маринел де Хесус.  Жирито за оваа категорија, се состоеше од членови на Фестивалот на кратки филмови „ДримШорт“ од Струга. Тие во оваа категорија прогласија победник, но и доделија специјално признание. Членови на жирито беа Јаков Попоски, Раде Гогоски и Лидија Мојсовска. Фестивалот се одржа од 24 до 27 октомври во киното „Фросина“ во Скопје.

– Да се избере само еден филм од вкупно 30 навистина не е лесна задача. Но истовремено, беше задоволство да се изгледаат 30 кратки филма, посветени на планината, на природата и на она што помалку го забораваме, а тоа е исконската врска на човекот со неа. Се одлучивме за приказна, односно за филмот кој сметаме дека во себе носи најсилна приказна и најсоцијално ангажирана порака. За нас, без да сакаме да ја намалиме вредноста на другите филмови, ова беше приказна, чија срж и болка вистински доаѓа од планината. За луѓето кои борејќи се за својата егзистенција, во себе ја чуваат непроценетата вредност на планината и се родени таму за да ја пренесат тајната на Инките на сите добронамерни посетители од целиот свет. Но, по која цена и дали вреди, е токму пораката која ни ја пренесува оваа инспиративна приказна. Истата патека која води до големата цивилизација на инките, за протагонистите во оваа приказна е пат кон нивна дехуманизација. Овој филм и покрај пречката да биде снимен до крај успева да пренесе една социјално-ангажирана порака. Овој алармантен крик на потомците на Инките кои се обидуваат да егзистираат експлоатирани и речиси во никакви услови може да биде гласот на сите експлоатирани работници во светот – вели жирито.

Специјално признание во категоријата краток филм доби „Легендата за Златорог“  во режија на Леа Вучко, „поради естетскиот пристап, емотивната приказна и волшебната анимација“. Оваа адаптирана приказна од стара словенска легенда, на фантастичен начин нè зема во магичниот свет каде што се судруваат човековата суетност, наспроти моќта на коегзистенцијата која постои во природата.

Најдобар филм на тема eкологија e „Илузија на изобилство“ на Ерика Гонзалес Рамирез и Мат Лиетарт од Белгија. Филмовите во оваа категорија ги оценуваше жири составено од членови на Македонското еколошко друштво.

– Фокусот на овој филм е отпорот кон експлоатација на природата во Јужна Америка, кој е покажан преку три случаи. Филмот покажува колку прогресот не е линеарен, и како дури европски компании со јасни регулативи за заштита на природа во сопствените земји се спремни да експлоатираат туѓи земји со помалку регулативи во име на профит. Трите случаи се примери на луѓе и заедници кои дејствуваат против незамисливо моќните; примерите се конкретни и втемелени во реалност – не покажуваат лажно позитивна слика, но исто така покажуваат дека отпор е сѐ уште можен дури и во битки против корпуција и против противник со драстино повеќе пари и моќ. Иако филмот е фокусиран само на Јужна Америка, од многу аспекти ова се базичните проблеми за заштита на природата со кој што се соочува целиот свет. Затоа сметаме дека е важно да се прикаже овој филм кој толку прецизно прикажува овој тип борби и успеси, и со тоа ни дава пример за можен исчекор кон подобро – вели жирито во оваа категорија.

Сподели