Писателката Билјана С. Црвенковска, главна уредничка на издавачката куќа „Чудна шума“ од Скопје е на еднонеделен студиски и работен престој во издавачката куќа „Виге Ваге књиге“ од Љубљана, Словенија. Нејзиниот престој се реализира во рамки на меѓународниот проект Balkan Translations Collider, во кој професионалци од областа на литературата и издаваштвото имаат можност да престојуваат во различни издавачки куќи и други организации од областа на литературата кои не се од нивните земји, за да стекнат различно меѓународно искуство.
Посетата на Црвенковска на словенечката издавачка куќа опфаќа размена на искуства, вмрежување и можност за идна соработка. Црвенковска учествува активно во работата на „Виге Ваге књиге“, издавач кој има сличен развоен пат како издавачката куќа „Чудна шума“ – мал, независен издавач кој активно издава стрипови и графички романи, а од неодамна има отворено и мала книжарница во центарот на Марибор.
Покрај споделување на искуства како работи „Виге ваге књиге“, Црвенковска и главната уредничка на издавачката куќа, Ања Голоб (која е и реномирана словенечка писателка и поетеса), споделија искуства за работата на европските проекти, предизвиците со кои се соочуваат малите издавачи во земјите со помали пазари и помала читателска публика, начините на надминување на одредени проблеми како и можностите за вмрежување и партнерство.
Одредени искуства од работата на „Виге ваге књиге“ кои се применливи и за македонскиот пазар ќе бидат добредојдени за примена и во работата на „Чудна шума“. Покрај студискиот и работен престој, Црвенковска во Словенија оствари и работни средби со уште неколку словенечки издавачи, автори и преведувачи. Нејзиниот престој е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Проектот во Македонија го реализира издавачката куќа „Готен“, во соработка со организациите „Некст пејџ“ од Софија, „Поетека“ од Албанија, Аргх! од Србија, „Сандорф“ од Хрватска и Секретаријатот за култура и спорт – Подгорица (Црна Гора).





