„Би-би-си музички магазин“: Незаменлива изведба на Трпчески и неговите придружници

Престижниот „Би-би-си музички магазин“ објави одлична рецензија за двојниот албум на Симон Трпчески и изведбата на двата концети за пијано и оркестар од Јоханес Брамс, заедно со Симфонискиот оркестар на WDR од Келн, под диригентство на Кристијан Мачелару. Оваа рецензија во јануарскиот број доаѓа по највисоките оценки од „Тајмс“ и „Грамофон“, 5 ѕвездички за изведбата на албумот снимен за британската етикета „Лин Рекордс“.

Критичарката Џесика Духен, во текстот со поднаслов „Изведбата на овие концерти на пијанистот Симон Трпчески и неговите придружници е навистина незаменлива“ вели:

„Можеби мислите дека не ви треба уште едно снимање на концертите за пијано на Брамс. Па, ова Ви треба. Тоа е прекрасна изведба, не само за изведувачите, туку и за музиката: има толку пријатна, експанзивна топлина и чувство на уживање. Настрана сè друго, звучи како изведувачите да се забавуваат како никогаш досега.
Свирењето на Симон Трпчески отсекогаш имало примеси на брилијантност, која има големи шанси да блесне, но тоа никогаш не ù наштетува на потребната величественост на звукот. Гранитните октави често се менуваат со заоблено легато; а неговото чувство за рубато е извонредно, со суптилно воздржување во клучните моменти, како во втората тема од првиот став на Д-мол. Има прекрасно чувство за рамнотежа и линија, изразени со природни плима и осека додека ја истакнуваат мелодијата. Изгледа дека тој и Мачелару разменуваат идеи еден со друг додека карактерот на темите се појавува и растекува.

Таа живописна карактеризација е длабоко наградувачка: дополнително вкопана експанзивност на големите, разновидни гудачки мелодии, на пример, но исто така и магично придушена атмосфера на размената на соништа помеѓу пијано и кларинети близу крајот на бавниот став. Клучните играчи максимално ги користат моментите во центар на вниманието, вклучително и елоквентниот солист на виолончело во истиот став; а уште понеобично е што оркестарското фугато во финалето на Д-мол е задоволство само по себе, бидејќи е толку јасно избалансирано и елегантно изразено, како да е заврзано со свилена лента. Снимениот звук е длабок и топол колку што можете да посакате за Брамс.“ – пишува рецензентката на „Би-би-си Музичкиот магазин“.

Деновиве, албумот на Трпчески, Мачелару и Симфонискиот оркестар на Западногерманското радио се најде и на листата кандидати за Германските дискографски награди на критиката во категоријата за најдобра концертна изведба. Оваа ценета награда се доделува во 32 специјализирани категории – од инструментални и вокални изведби, камерна музика, хорски изведби, преку опера, филмска музика, до светска музика и џез. Како што наведуваат организаторите, критериуми за оценување се уметничкиот квалитет, репертоарската вредност, презентацијата и квалитетот на звукот.

Сподели