Светската научна елита од денеска до 19 септемеври присуствува на 13. Конгрес на Меѓународната асоцијација за проучување на Југоисточна Европа (AIESЕE), за првпат во 60 години
Ставовите и мислењата на научниците за минатото и за иднината се од круцијално значење за иднината на светот. Речиси сите војни, меѓународни конфликти и недоразбирања, во основа имаат свој пандан во минатото од кои може да се извлечат примери и донесат заклучоци како да се надминат предизвиците и да се избегнат страдања на милиони, вели историчарот проф. д-р Драги Ѓоргиев од Институтот за национална историја, член на Македонската академија на науките и уметностите и претседател на 13. Конгрес на Меѓународната асоцијација за проучување на Југоисточна Европа (AIESЕE) што од денеска до 19 септември ќе се одржи во МАНУ. Свеченото отворање е закажано во 11 часот. Во интервјуто за Умно.мк академик Ѓоргиев зборува за значењето на научниот собир, особено за македонското претседавање кое се случува за првпат во шест децении, за состојбите во светот денес, за влијанието на науката врз политиката и моќта на одлучување.
Македонскиот национален комитет за ЈИЕ студии при Македонската академија на науките и уметностите е претседавач на 13. Меѓународен конгрес на ЈИЕ студии (AIESEE). Конгресот се случува еднаш на пет години и нашата земја за првпат е негов домаќин. Кој сè ќе присуствува на овој значаен собир?
– На овој 13. по ред конгрес на Меѓународната асоцијација за проучување на Југоисточна Европа (АIESSE – Association Internationale d’études du Sud-Est Europeen) ќе присуствуваат професори и научници од речиси сите европски земји, како и од САД, Јапонија и Кина. Вкупниот број на учесници е 125, од кои 40 се од Македонија. Станува збор за навистина репрезентативна универзитетска и научна елита, која членува во бројни универзитети и научно-истражувачки институти и кои учествуваат во најразлични научни проекти и програми.
Конгресот го основале шест балкански земји – членки на УНЕСКО во 1963 година во Букурешт. Оттогаш нештата на Балканот значително се сменети. Денес Асоцијацијата брои 25 членки. На кои постулати е основана AIESEE и кои се нејзините основни цели?
– Од своето основање пред повеќе од шест децении, оваа Асоцијацијата настојува да поттикне соработка, дијалог и циркулација на знаења меѓу научната и универзитетска заедница. Со децениската анализа на историјата на интеракцијата меѓу различните заедници, култури и традиции во Југоисточна Европа, таа се стреми да придонесе за подлабоко разбирање на сегашноста и за замислување и градење на поконструктивна иднина. Се разбира, нејзината задача не е ограничена само на проучување на минатото. Во свет каде што најчесто преовладуваат поделби и недоразбирања, мисијата на AIESEE е да поттикне дијалог, критичко размислување и соработка меѓу различните култури и народи.
Домаќини на Конгресот досега биле Букурешт и Софија (по три пати), Атина, Анкара, Белград, Солун, Тирана и Париз по еднаш. Кои беа најголемите предизвици да се добие претседателството, особено што ние веќе долго време нашата земја е во специфични внатрешни и надворшни политички ситуации?
– Организацијата на 13. Конгрес на AIESEE ни беше доделена во Букурешт, каде во 2019 година се одржа претходниот конгрес. Република Македонија стана самостојна членка на оваа асоцијација веднаш после осамостојувањето, а преку југославенското наследство (Југославија е една од основачите на асоцијацијата), таа е нејзина членка од самиот почеток. Македонски научници и професори учествувале на сите досегашни конгреси, давајќи значаен придонес во афирмацијата на нашата наука и образование, но исто така и во афирмацијата и на самата асоцијација. Но, и покрај тоа дури после шест децении успеавме да се избориме да бидеме домаќини на еден вака значаен настан. Предизвикот навистина беше голем затоа што конкуренцијата секогаш е голема, бидејќи организирањето на еден ваков конгрес носи силна научна и културна афирмација на земјата домаќин. Всушност, успехот е резултат на долгогодишно претходно залагање на членовите на Македонскиот национален комитет од МАНУ, кои го знаеја значењето на ваквите настани и конечно се изборија Скопје да ја добие улогата на домаќин.
Тема на годинашниот Конгрес е: „Комуникација и размена: Југоисточна Европа во рамките на глобалните општествени, политички и културни процеси“. Зошто овие прашања за важни за науката на крајот на првиот квартал на 21 век? И колку културата и општествените науки може да извршат влијание врз политичките процеси?
– Насловот на овој конгрес, чија тема беше определана од наша страна, е инспириран од фактот што нашиот регион никогаш не бил изолиран, туку тој отсекогаш стоел на раскрсницата на империите, религиите, културите и јазиците, служејќи како мост за човечка интеракција. Исто така, при определувањето на темата се водевме од интересот, посветеноста и афинитетот на учесниците и настојувавме да ги исполниме нивните очекувања. Затоа што, темите со кои настапуваат учесниците на овие конгреси најчесто анализираат и потенцираат настани, личности, процеси од минатото кои укажуваат на силна меѓусебна поврзаност, соработка и разбирање и кои можат да се искористат за креирање на иднината. Во исто време ваквите конгреси секогаш стимулираат научни интеракции и соработки и создаваат платформа за размена на идеи и откривање нови можности за проширување на знаењата. За жал ваквиот пристап и резултати многу тешко допираат до политичарите и малку влијаат врз нивните политики. Културата и резултатите од општествените и хуманистичките науки се многу малку присутни во креирањето на стратегиите за иднината и тоа посебно важи за политичарите на оние кои земји се надвор од европскиот систем на вредности.
Излагачите ќе опфатат многу интересни теми, од историја, преку глобализација, миграција, идентитети, конфликти и помирувања, медиуми, современи уметнички практики итн. Како науката може да одговори на предизвиците денес, кога светот е најблиску до глобален конфликт, за првпат толку интензивен по 1945 година?
– Различните сесии, кои во голема мера опфаќаат широк спектар на теми поврзани со историјата, политиката, културата, лингвистиката, литературата и ја истакнуваат интеракцијата меѓу народите, заедниците, поединците. Идеите, ставовите и мислењата на научниците за минатото и за иднината се од круцијално значење за иднината на светот, би рекол. Речиси сите војни, меѓународни конфликти и недоразбирања, во основа имаат свој пандан во минатото од кои може да се извлечат примери и донесат заклучоци како да се надминат предизвиците и да се избегнат страдања на милиони луѓе. Улогата на хуманистичките и општествените науки во овој момент е многу поважна отколку што се мисли, во однос на улогата на техничките и природните науки, кои несомнено стануваат доминантни во светот. Без овие науки светот ќе ја изгуби својата хумана и духовна димензија, а без таа димензија конфликтите стануваат нерешливи.
Како претседателството на МНК при МАНУ на Конгресот ќе придонесе во позиционирањето на македонската наука во регионот, во ЈИЕ и во европски рамки?
– Како што спомнав, конгресите на оваа асоцијација носат голема научна и културна афирмација на земјата домаќин. Македонскиот национален комитет за проучување на Југоисточна Европа при МАНУ успеа да го организира овој конгрес и да биде домаќин на стотина научници и професори од странство. Самиот тој факт претставува потврдување на позицијата што македонската наука ја има во европски рамки. Всушност, МАНУ преку Националниот комитетот секогаш помагал во учеството на нашите научници на овие значајни конгреси. Исто така, верувам дека овој конгрес ќе придонесе за зајакнување на академските врски на нашата наука и дека ќе отвори нови хоризонти за лична и институционална соработка на нашите колеги и научни институции. Сепак, морам да истакнам дека нашата држава не покажа никаков интерес за овој настан и покрај настојувањата да го вклучиме Министерството за култура во организирањето на конгресот. Оттаму не добивме никаков одговор.
Насловна фотографија: Принскрин / Извор: Сител





