Бесплатен театарски маратон на 3 април во МНТ во чест на 80 години постоење

Македонскиот народен театар на 3 април (четврток) организира маратон со свои претстави, во чест на 80 години постоење. Поради несреќата во Кочани, МНТ одлучи премиерата на закажаниот спектакл „Сонцето, колку е блиску Сонцето! Made in MNT“ да ја одложи за наесен. Претставите на 3 април ќе се играат со бесплатен влез, а публиката може да ги подигне на билетарницата на МНТ.

Во 10 и во 12 часот ќе бидат одиграни две изведби на детската претстава „Распеана турлитава“. За изведбите на детската претстава, билетите ќе се подигаат на 2 април од 12:00 до 20:00 часот, а за вечерните изведби, на 3 април од 12:00 часот.

Во 18 часот следуваат „Бели ноќи“, „Мој термин“ од 19:00 часот и „Торонто експрес“ од 21:30 часот.

Следниот ден, на 4 април, директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, патува во Атина, каде што, во чест на одбележувањето – 80 години МНТ, а во рамките на Европската театарска конвенција (ETC), ќе има официјално обраќање. Меѓународната театарска конференција на ETC, насловена како „Thrive Theatre Thrive! Keep the Flame Alive.“, ќе се одржи од 3 до 7 април во Националниот театар на Грција во Атина. Со обновување на членството на Македонскиот народен театар во ETC, која е водечка и значајна мрежа на јавно финансирани театри во Европа, со 63 театри членки од 31 земја, ETC е посветена на промовирање на современата драма, олеснување на уметничките размени и поттикнување на културната разновидност во европската театарска уметност. Организацијата служи како платформа за дијалог, демократија и интеракција, со цел да рефлектира и да привлече разновидна публика и општества во постојан развој.

Во рамките на 80 години МНТ, на 5 април во 20 часот на малата сцена, публиката ќе ја гледа „Поетроника“ во новиот суптилен и културолошки значаен проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе што вешто ја спојува современата македонска поезија со електронската музика. Мултисензорно искуство каде што музиката, поезијата и боите од видеоартот, ќе раскажат сосема нова приказна, по вторпат во МНТ. Билетите ќе бидат бесплатни, и ќе се подигнуваат на денот на изведбата.

 

Сподели