Од печат излезе поетска книга „Црни букви на црвено“ од Димитар Башевски, издание на издавачката куќа „Слово“ од Скопје. „Црни букви на црвено“ е поетска книга која доаѓа во зрелата творечка фаза на Башевски и ги изразува главно оние поетски својства за кои еден број критичари пишуваа и за досегашните негови поетски книги.
Како генерална оценка за неговата поезија, која во голема мера може да важи и за „Црни букви на црвено“, може добро да послужи и искажувањето на Петар Т. Бошковски, кога тој во еден свој текст во книгата „Премрежето на критиката“ за поезијата на Башевски вели: „…Стиховите на Димитар Башевски се убедлив уметнички факт за важењето на геслото за поезијата како говор ,за крупни нешта со моќен глас’ постулирано од Блаже Конески“.
Димитар Башевски е македонски романсиер, раскажувач, поет и преведувач. Освен романите, расказите и една книга есеи, Башевски досега објавил неколку поетски книги, а објавени се и избори од неговата поезија. Во 2023 година, неговата поетска книга „Дни, години“ ја доби највисоката поетска награда кај нас, наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Неговите книги досега се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици и ги добиле високите книжевни награди и признанија во земјата – освен „Браќа Миладиновци“ и државната награда „11 Октомври“, потоа „Рациново признание“, наградата „Роман на годината“, државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања и др.





