Урошевиќ: Бесмислени се злонамерните обиди за негирање на македонскиот јазик

Веста дека сум добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ ми носи многу радост. Ја имав таа среќа да бидам, пред повеќе од шеесет години, еден од основачите на овој наш поетски фестивал и еден од оние што учествуваа во дефинирањето на оваа награда. Во текот на годините, со внимание и задоволство следев како на листата на добитниците на „Златниот венец“ се допишуваат нови имиња – стануваше збор секогаш за вистински великани на поетскиот збор, личности чиешто значење ги надминува границите на националните литератури на кои тие им припаѓаат и навлегува во областа на светските вредности, истакна годинешниот добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, Влада Урошевиќ, на денешна прес-конференција што се одржа во хотелот „Дрим’ во Струга.

Урошевиќ ја потенцираше важноста на поезијата и нејзиното значење со чија помош македонскиот јазик се издига на високо ниво и е рамо до рамо со другите светски јазици.

– Кога ја гледам денес таа листа, можам да речам дека станува збор за еден вид синтетизирана историја и антологија на светската поезија од втората половина на 20-ти и првите децении на 21-ви век. Поезијата на овие поети е објавена тука, кај нас, во репрезентативни изданија, во превод на македонски јазик – и тој корпус на дела, со својата големина, со сериозноста на пристапот и со квалитетот на преводите ја докажува, уште еднаш, рамноправноста на македонскиот јазик со другите светски јазици и ги прави бесмислени злонамерните обиди за неговото негирање – потенцираше Урошевиќ.

Денеска на пладне тој засади дрво во „Паркот на поезијата“ и неофицијално го означи почетокот на фестивалот.

– На ова место, не толку големо по површина, колку по суштина се вишнеат дрвјата засадени од некои од најзначајните поети на 20 век: Адонис, Ајги, Вознесенски, Сенегор, Фатос Арапи, Ив Бонфoа, Ален Гинзберг, Махмуд Дарвиш, Маргарет Атвуд, Нанси Морехон, Десанка Максимовиќ итн. Гранките на тие дрвја остануваат симболично продолжение на нивните гласови, на нивните стихови прочитани, токму тука во Струга.
Денеска со посебна чест се радуваме дека меѓу овие фиданки ќе биде засадено, ќе расне и виншее и дрвото кое ќе го засади нашиот годинашен лауреат, човекот кој и самиот е вграден во „Струшките вечери на поезијата“од нивните почетоци пред шест децении, Влада Урошевиќ – рече модераторката Александра Јуруковска.

Годинешниот лауреат, во присуство на македонските и странските поети, изјави задоволство што ја има честа и неговото дрво да се најде во леата со светските поетски великани.
– Струга има свој мост, дом и парк на поезијата. Прекрасна е идејата секој поет што ќе добие „Златен венец“ да засади дрво. Еден ден овде ќе имаме и шума. Еден ден кога нас ќе нѐ нема ова дрво ќе продолжи да расте и да се развива – рече Урошевиќ.

На прес-конференцијата директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски, истакна дека „Златниот венец“ е награда што мора внимателно да се доделува и дека Влада урошевиќ е трет Македонец што ја има добиено.

Пред него ова признание го имаат добиено Блаже Конески и Матеја Матевски.
Свеченото отворање на 62. издание на фестивалот ќе се случи вечерва со почеток во 20 часот на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

На „Струшките вечери на поезијата“ присуствуваат околу 25 поети од странство и 40-тина од државата.
Фестивалот, кој ќе трае до 28 август, се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“.

 

Сподели