Вкупно 16 нови мелодии ќе бидат дел од програмата на првото издание на Фестивалот на староградска музика „Ех, таа серенада“, што ќе започне вечерва во 21 часот на платото пред Офицерскиот дом во Битола.
Фестивалот го организира Културниот и информативен центар Битола. Организирањето на фестивалот е навраќање на традициите на серенадата како музички жанр, но е и од посебно значење за битолчани и за македонската музичка продукција, воопшто, истакна Лили Бошевска, директорка на КИЦ.
Миодраг Неќак, уметнички соработник и етаблиран музички продуцент го објасни процесот на објавување на конкурс, селектирање на конечните мелодии, големиот интерес од автори и изведувачи, што претставува идна основа за следното фестивалско издание, како и детали за продукцијата и постпродукцијата на песните од фестивалот.
Тодор Ивановски во својство на лице одговорно за организација и туристичка промоција, ја нагласи синтезата на културата и културното наследство во кое секако припаѓа староградската песна и Офицерскиот дом како интегрален дел од туристичката промоција на Битола.
Во рамките на предфестивалските промотивни активности за посетителите и туристите е достапно бесплатно возење со битолскиот пајтон во комплексот на Офицерскиот дом секоја вечер од 18.30 до 21.30 часот што наиде на голем интерес од граѓаните и посетителите.