Белград и Скопје со различни учебници за лажните дојави за бомби во училиштата

Во Белград годинава повеќе од 2.000 лажни дојави за бомби. Скопје престана да ги брои на 964. До денес нема одговор кој и зошто ги испраќаше лажните дојави, ниту информација дали има нови закани

Пишува: Игор К. Илиевски

Неколку училишта во Нов Белград се евакуирани вчераутро, јави српски „Дневник“, а шест белградски училишта завчера добиле дојави за бомби. Само годинава во Белград имало повеќе од 2.000 лажни дојави за бомби. Македонија преживеа повеќе од 900 такви лажни дојави од крајот на октомври лани до почетокот на март годинава, кога објави дека ги сменила „протоколите за постапување во вакви случаи“ и реши да престане да известува за нив. Од тогаш, од 3 март, до денес нема одговор кој и зошто ги испраќаше лажните дојави, ниту информација дали има нови закани по овој датум, иако власта тврдеше дека по промена на протоколите на училишните мејл адреси веќе нема дојави.
– Тој проблем е надминат, кусо одговорија во МВР.

Во Србија утрово биле приведени две деца, стари 13 и 12 години, поради лажни дојави за бомби во училишта во Нови пазар. И во Македонија прогонот на испраќачите на лажните дојави досега резултираше со кривични пријави за пет случаи главно против малолетници, кои се приклучиле на бранот дојави.

Спасовски: имавме 964 лажни дојави за бомби

- Повеќе од 720 објекти беа таргет на 964 лажни дојави кои што ги имавме, испратени од преку 60 различни е-маил адреси. Министерството за внатрешни работи во полн капацитет активно работеше на идентификација и пронаоѓање на можните сторители чија цел беше ширење на паника помеѓу граѓаните, рече во саботата министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, говорејќи на регионална конференција за безбедност.

Спасовски во својот говор на сесијата „Моментална геополитичка состојба- импликации за Западниот Балкан“ на регионалната конференција „Европска безбедност: Како да се искористи новиот моментум за проширување на ЕУ на Западен Балкан?”, потсети дека, по препорака на Европската унија, Владата во декември 2021 година усвои Национална стратегија за градење отпорност и справување со хибридни закани.

- По однос на интензивните хибридни напади кои што почнаа да ни се случуваат од октомври минатата година, па се до март оваа година, донесовме Протокол/правилник за постапување при лажни дојави со бомби на територијата на целата држава, рече министерот. Тој потсети дека по серијата лажни дојави беше формиран оперативен тим во рамките на Владата, во кој беа вклучени сите безбедносни служби, но и „сите релевантни структури со свои експерти со кои што практично беа разменети сите податоци и информации и соодветни решенија.

- Се со цел да имаме поинаков пристап во однос на дојавите за бомби кои пристигнуваа по електронски пат, вели Спасовски. Тој посочи и дека беше донесено посебно Упатство за постапување во вакви случаи и на основа на тоа ново упатство и координацијата и соработката со МОН е на исклучително високо ниво.

Повеќе од 800 лажни дојави во Скопје

Дел од поинаквиот пристап што го спомена Спасовски беше да се престане да се известува јавноста за лажните дојави за бомби. Последниот случај за кој јавноста дозна беше на 2 март, кога имало 30 лажни дојави, сите за Скопје. Таму, на 26 октомври лани, и почна кампањата на лажни дојави за бомби, со пријави за пет училишта.

Во Скопје се регистрирани и далеку најголемиот процент лажни дојави во кампањата, иако нивниот точен број е малку нејасен, веројатно поради ажурирањето на различните податоци. МВР веднаш одговори на барањето податоци за лажните дојави за бомби во минатата учебна година и достави табела со 905 дојави во периодот од 26 октомври до 2 март, но и прецизна информација за 918 дојави во основни и средни училишта и други институции.

- Во период од 26.10.2022 година до 02.03.2023 година од 76 е-маил адреси испратени се лажни дојави во 544 основни училишта, 332 средни училишта и 42 во други институции, при што се опфатени вкупно 918 локации на територија на Р.С. Македонија, наведе МВР во одговорот на нашето барање за податоци. Во април, министерот Спасовски спомена повеќе од 950 лажни дојави, за сега да прецизира 964 случаи.

Според податоците на МВР, во четирите месеци Македонија 43 дена добивала лажни дојави за бомби, или по 21 на ден. Во секој од тие денови имало дојава за училиште во Скопје, освен на 17 декември, кога имало само лажна дојава во Делчево, еден од петте случаи на македонски „имитатори“ кои опортунистички се приклучија во бранот на дојави. Сите беа многу брзо откриени.

Втори по зачестеност биле пријавите во Прилеп, кој бил мета 8 дена, Куманово во три наврати, по двапати Охрид, Битола и Кавадарци, а по еднаш биле алармирани Тетово, Струга и Делчево. Најмногу пријави имало во Скопје, 827, во Куманово 25, Прилеп 17, Битола 12, Струга 9, осум во Кавадарци, четири во Охрид, две во Тетово и една во Делчево.

Расветлени само инцидентните

Токму последните се и дел од петте кривични пријави што МВР ги поднесе за лажни дојави, главно против малолетници. Сите пријави беа за кривично дело тероризам, а Спасовски беше дециден дека без разлика дали станува збор за закани за поставени бомби или пак напади на државни институции станува збор за тероризам. Но, министерот ја прифати квалификацијата на Обвинителството, кое оцени дека станува збор за „лажно пријавување кривично дело“.

- Неколкуте пријави кои првично беа поднесени за тероризам, по анализа на прибраните докази беа преквалификувани во лажно пријавување на кривично дело. Едноставно, доказите не упатуваа дека сторителите биле дел од терористичка група која имала за цел дестабилзиција на институциите или создавање на чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Во суштина идентификуваните сторители го искористиле моментот на хибридните закани но не биле дел од тој организиран напад со кој се соочивме како држава. Сепак кривично правна одговорност постои, рече во април скопскиот јавен обвинител Гаврил Бубевски.

Фото: Принтскрин Сител и ТВ24

Сторијата е изработена во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот
„Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје

Сподели