Балетот „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков, базиран на мотивите од „Илјада и една ноќ“ ќе боде изведен в петок (5 декември) во 20 часот во Националната опера и балет. Диригент е Бисера Чадловска, кореографијата е на познатиот балет-мајстор од Москва, Михаил Крапивин, со првична постановка на Михаил Фокин. Сценографијата е на Марија Ветероска, костимите – на Маја Бурсаќ од Србија, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Ќе настапат: Наташа Трендафилова-Гицев и Балаж Лочеи (Унгарија) заедно со првенците, истакнати солисти, солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Балетот „Шехерезада“ е ремек-дело во балетската литература кое ја спојува магијата на ориенталните приказни, драматичната музика и раскошниот сценски израз. Со богата кореографија, експресивни движења и внимателно избрани сценски детали, делото ја истражува моќта на раскажувањето, страста, љубомората и интригата, а ликот на Шехерезада носи мистерија и вештина што ја фасцинира публиката со секоја сцена.
Фото: НОБ





