Како изгледа европскиот пат во практика, кои се реалните резултати од Берлинскиот процес и како Реформската агенда се спроведува на институционално ниво. Овие теми беа во фокусот на дебатата што се одржа вчера во македонското Собрание. Настанот „Реформската агенда и Берлинскиот процес низ призмата на европската интеграција: Улогата на Парламентот во спроведувањето на регионалните приоритети“ го организираше Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје, во соработка со Комисијата за европски прашања и Меѓупартиската група за следење на имплементацијата на Берлинскиот процес и Реформската агенда.
Дебатата ја отворија Антонијо Милошоски, претседател на Комисијата, Викторија Трајков, заменик-министер за европски прашања и Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија. Тие ја истакнаа потребата од постојана координација меѓу институциите за следење и исполнување на обврските што произлегуваат од Берлинскиот процес и од Реформската агенда. Нагласена беше улогата на парламентот како место каде што реформите добиваат политички легитимитет и јавна отчетност.
Милошоски рече дека напредокот на реформите не зависи само од усвојувањето на законите, туку и од јасната политичка поддршка зад нив. Тој нагласи дека реформските закони од европската агенда треба да се носат со поширок политички консензус, како сигнал за зрелост и за вистинска посветеност на европскиот пат.
Според Трајков, Берлинскиот процес и Реформската агенда се клучни механизми за регионално поврзување, економски раст и забрзување на европската интеграција. Тие се шанса за побрзо да се доближиме до ЕУ преку спроведување на европските стандарди и вредности, а улогата на парламентите во регионален, но и национален контекст е пресудна за успешна имплементација на зацртаните планови и приоритети.
Трошановски вели дека парламентарната димензија на Берлинскиот процес е клучна за зголемување на демократската отчетност и за приближување на реформите до граѓаните. Тој нагласи дека Институтот за демократија активно го поддржува процесот, а воспоставувањето на меѓупартиската група претставува важен чекор кон поефикасно следење на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда. „Во услови на застој на европските интеграции, овие процеси беа единствениот вистински механизам што ги поврза земјите од регионот преку заедничкиот пазар, зелената и дигиталната транзиција“, рече Трошановски.
Настанот организиран во рамки на проектот „Зајакнување на учеството на граѓаните и бизнисите во Берлинскиот процес и Реформската агенда во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од Фондација Отворено општество – Западен Балкан, заврши со порака дека европската интеграција останува стратешки приоритет, а успешната имплементација на реформите е клучна за довербата во институциите и за забрзување на патот кон Европската Унија.





