„Атлас на македонската модерна архитектура“ е насловот на изложбата која синоќа беше отворена во Младинскиот културен центар во Скопје. Изложбата е резултат на истражувачки проект чија основна цел е препознавање, документирање, проучување и вреднување на модернистичкото архитектонско наследство од втората половина на 20 век на територијата на денешна Македонија. Проектот регистрира и мапира повеќе од 500 индивидуални архитектонски реализации изградени од 1945 до 1985 година, од кои преку стотина се документирани, а повеќе од 40 избрани градби се претставени во форма на тродимензионални архитектонски модели.
Авторскиот тим на проектот го сочинуваат архитектите Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков, Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и соработниците од Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата „Континео 2020“.
– Преку јавно претставување и промоција на вредните архитектонски остварувања во периодот 1945-1985 година, целта на проектот е да укаже на обемот, квалитетот и прогресивниот модернизациски и еманципаторски карактер на овој сегмент од поновата македонска архитектонска историја. Периодот по Втората светска војна за Македонија е означен со силен бран на модернизација, чија цел е да ја обнови земјата излезена од војна, да ја индустријализира, да го образува и еманципира нејзиното население, што ќе води кон реализација на комплексни проектантски задачи како патишта, индустриско-технолошки постројки, како и мноштво градби од јавен карактер во доменот на образованието, здравството, културата, управувањето итн. – велат организаторите на изложбата.

Во планирањето и обликувањето на македонските градови фокусот бил насочен го кон јасно функционално зонирање на градските содржини и морфолошки автономни градби опкружени со зеленило и уредени јавни простори. Во делот на архитектонското обликување, силниот повоен бран на модернизација претставува комбинација од скромните предвоени искуства, знаењата кои посредно доаѓаат од Западот преку архитектите кои се школувале и твореле во поразвиените југословенски архитектонски центри, надополнети со првите генерации школувани македонски архитекти.
– Во првите повоени години бројни македонски автори се под силно влијание на концептите на Интернационалниот стил, влијанијата од Баухаус и творештвото на Ле Корбизје. Во подоцните декади оваа тенденција продолжува, дополнета со доцно-модерните влијанија кои доаѓаат од разни архитектонски центри од Европа и светот, што особено се забележува во постземјотресната обнова и изградба на Скопје. Во помал или во поголем обем овие влијанија последователно се шират и низ останатите македонски градови, преку творештвото на локални автори или преку ангажманот на некои од најзначајните личности на македонската модерна архитектура – велат од „Континео 2020“.
Од причина што модернистичкото архитектонско наследство на градот Скопје претставува посебен истражувачки случај и предмет на серија претходни истражувања на авторите, главниот фокус на овој истражувачки проект е насочен кон претставување и промоција на – за јавноста – помалку познатото творештво од македонските градови. Изложбената поставка ќе биде отворена до 15 декември.





