„Астерфест“: Гран при за данскиот „Љубовни маки“, „Сребрена потковица“ – „Прошетка“ на Венинова

Краткиот игран филм „Љубовни маки“ на Александер Саул („ММ Продукции“, Данска) освои Гран при на 19.  „Астерфест“. „Златната потковица“ ја доби краткиот анимиран филм „Гилгамеш “ на Шаќир Весели (Албанија), „Сребрената“ ја доби краткиот игран филм „Прошетка“ на Елеонора Венинова, а пак, „Бронзената“ – „Фортисимо на Виктор Цеска (Франција).

Наградата за најдобар режисер „Ацо Алексов“ ја доби Небојша Слијепчевиќ за краткиот игран филм „Човекот кој не можеше да молчи“ од Хрватска. Наградата за најдобро сценарио „Ѓорѓи Абаџиев“ е за краткиот анимиран филм „Споменик“ на Сиџјиа Џенг и Џјашји Ву (САД). Специјални признанија од жирито добија и краткиот документарен филм „За живеењето “ на Сезер Салихи (Македонија) и краткиот анимиран филм „Мигови “ на Катја Фридрих (Германија).

Членови на жирито беа Зејгам Азизов од Велика Британија, Ганимет Сава од Косово и Никола Пијанманов од Македонија.

Вечерва, во 20:30 часот во Амфитеатарот астерфестовската публика ќе има прилика да ја гледа ретката копија на долгометражниот игран филм „Преку езерото“ во чест на лауреатот Антонио Митрикески, како и кратките филмови „Со кренати раце“ на Митко Панов и „Лифт горе, лифт долу“ во режија на Душан Наумовски.

Утревечер, на последната фестивалска вечер, ќе бидат прикажани наградените кратки филмови, како и култниот филм „Црно семе“, во знак на 5-годишнината од смртта на Кирил Ценевски.

Сподели