Дебитантскиот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ, а во продукција на Томи Салковски и продукцијата „Црна мачка“, синоќа ја имаше светската премиера во рамките на „Панорама“, програмата во официјална компетиција на Берлинскиот филмски фестивал. Аплаузи и полна сала беа составен дел на премиерата на филмот на Митиќ. Проекцијата се одржи во киното „Блумакс“, а учествуваа режисерката Митиќ, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска, продуцентот Салковски. Во Берлин, во поддршка на филмот се и: косценаристот Огњен Свиличиќ, копродуцентите Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Пограчник, монтажерот Владимир Павловски, продажната агентка Беренис Вeнсан, дел од актерите Жаклина Стефковска Дрнасин, Ана Стојановска, Ева Стојчевска, Даме Јовески, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Алина Христовска, како и членовите од екипата Дејан Крајчевски, Тина Величковиќ и Димитар Атанасоски.
Голема поддршка за филмската екипа е и присуството на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и на директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.
-Филм што почнува со удар во стомакот што никогаш не запира. Толку паметно снимен, што не можете да си помогнете, ами да се почувствувате емотивно поврзани со главната аткерка. Отворено зборува за бруталната реалност на сексуалното насилство на адолесцентите – вели коментар на гледач, објавен на платформата Letterboxd.
-Интересен поглед врз колективните неуспеси на македонското општество, преку очите на младите од земјата – вели друг коментар.
Успехот со учеството во официјалната компетитивна програма „Перспективи“, е надополнет со фактот дека „17“ е првиот дебитантски македонски игран филм кој во изминатите 26 години се натпреварува за награда во официјална компетиција на еден од големата тројка светски филмски фестивали: Берлин, Кан, Венеција. Филмот ќе се натпреварува за наградата Најдобар дебитантски филм (GWFF Best First Feature Award), која е етаблирана во 2006 година и со која Берлинале дава уште посилна поддршка на новата генерација филмски автори. Годинава, членови на тричленото жири кое ги оценува филмовите во оваа селекција се: Софија Алауи (Sofia Alaoui) – сценаристка и режисерка од Мароко, Фредерик Хамбалек
(Frédéric Hambalek) – режисер и сценарист од Германија и Дорота Лех (Dorota Lech)- директорка на Меѓународниот филмски фестивал „Нови хоризонти“.
Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network). Продуцент на филмот е „Црна мачка продукција“, во копродукција со „Арт попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем филмс“ од Франција.





