Под слоганот „Лесно е да се живее здраво“ во сабота во „Јавна соба“, Андријана Срчокова и Ана Јорданова-Дубровска практично ќе покажат како лесно се подготвуваат здрави оброци
Приказната на „Мелем од вкусови“ нема да ја врзуваме со пандемијата од ковид-19, иако таа почна и се развивавше паралелно со здравствената криза која го погоди светот. Две жени поттикнати од идејата за здрава исхрана решија на пазарот да понудат производи кои можеби не беа ништо ново, но го спакуваа на оригинален начин. Подготвуваа разновидни свежи оброци спакувани во тегли и со велосипеди сами вршеа достава до муштериите.

Андријана Срчокова и Ана Јорданова-Дубровска во последно време почнаа да ја шират својата дејност и да организираат целокупна обука и предавања за тоа колку е значајно да се храниме и да живееме здраво. Под слоганот „Лесно е да се живее здраво“ во сабота (8 април) во „Јавна соба“ практично ќе покажат како лесно се подготвуваат здрави оброци.
– Ќе зборуваме за придобивките од здравата исхрана и како да се мотивираме за да успееме. Ќе бидат презентирани подготовки на неколку здрави и вкусни оброци кои не одземаат многу време, а во подготовката ќе можат да учествуваат и присутните, а потоа и да ги дегустираат на лице место – вели Срчокова.

На настанот ќе учествуваат реномирани и докажани лица во својата област, нутриционистката Надица Илиевска, стручна за одредување нутритивен статус и исхрана на здрава и заболена популација од сите возрасни групи, Ирена Јакимова, која се занимава со советодавни услуги и мотивациони тренинзи и Мартин Петковски, сопственик на спортски клуб и тренер кој ќе зборува за спортот и неговото влијание врз развојот на децата и одржувањето на здравјето на луѓето во добра кондиција.
Од идеја до „Мелем од вкусови“
Идејата да организираат предавања каде ќе ги пренесуваат своите искуства на тема здрава храна се наметнала од самите клиенти на „Мелем од вкусови“.
– Некои имаа прележано ковид со многу лоши последици врз нивното здравје. Чувствувајќи ги придобивките од здравиот начин на исхрана ни предложија да направиме обуки во кои ќе се презентираме неколку оброци кои луѓето во брзање или при недоволно време ќе си ги приготват и нема да посегнат по нездрави оброци. Така решивме да им овозможиме еден ваков настан кој ќе го прошириме со предавања од стручни лица од повеќе области за позитивни промени – објаснува Срчокова.

Токму со пандемијата е врзана и нивната професионална приказна. Кратко време по „затворањето на светот“ и различните мерки кои се преземаа за да се спречи ширењето на заразата, двете се нашле во неформален разговор со сличен став – за зачувување на здравјето неопходно е самите да се грижат преку избор на храната што ја користат.

– За кратко време прерасна во идеја да отвориме место што ќе им понуди на потрошувачите избор на здрава храна првенствено додека се на работа, а и после тоа. За сето ова да биде комплетно здраво, мораше да го вметнеме и прашањето кое во тој момент (пролетта 2020) не беше толку актуелно, но години наназад, како и во моментот е особено значајно, а тоа е загадувањето. Решивме нашите производи да ги спакуваме во амбалажа – тегла која се реупотребува и рециклира. Зборот „мелем“ значи лек, балсам, еликсир, многу често кај нас го среќаваме во котекст на „мелем за душа“ или „мелем за рана“. Затоа и го избравме токму него, бидејќи храната е таа која најмногу придонесува за физичкото и менталното здравје, а тоа лично го имаме искусено. На ова го додадовме „од вкусови“ за да се појасни дека здравата храна изобилува со различни вкусови – раскажува Јорданова-Дубровска.
Веруваме во оваа приказна
Сите рецепти се нивна идеја. Претходно им даваат на најблиските да дегустираат, како и на редовните клиенти за да може производот да влезе во менито. Последниот збор го има нутриционистката Надица Илиевска со која го проверуваат нутритивниот баланс на комбинацијата за да се задоволат дневните потреби на еден човек.

Додатна вредност на нивната приказна е транспотрот со велосипеди. Со оглед на сообраќајниот хаос во Скопје и целта да стигнат секогаш на време и да не загадуваат, велат дека доставата со велосипед им е одличен избор и дополнителна придобивка за нивното здравје. Тие веруваат во оваа приказна зашто и самите секојдневно ја живеат.
– Доколку не би верувале не би го работеле ова. Искрено веруваме дека нашата идеја ќе биде сè почесто мото и начин на живеење за останатите – вели Срчокова.

На прашањето колку е државата отворена за претприемачки, дава ли поддршка за жени во бизнисот, Јорданова-Дубровска вели дека досега не искоритиле ниту една мерка.
– Го одиме нашиот пат полека, ама сигурно. Сите кои беа скептици на почетокот, сега веќе ни честитаат. Во иднина имаме големи планови – што повеќе луѓе го имаат нашиот производ на трпезите, а преку обуки за позитивни промени да влијаеме на начинот на исхрана во училиштата – велат Ана и Андријана.





