Андреј, Сара, Мартин, Филип … 59 жртви на долгогодишниот корумпиран систем

Пејачот на групата ДНК, Андреј Ѓорѓиески, Сара Пројковска, пратечки вокал и вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Мартин Атанасовски (бит-бокс), Филип Стевановски (клавијатури), Александар Коларов (гитара), Георги Георгиев (тапани) се меѓу 59-те загинати во стравотниот пожар што синоќа ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани. Најголем дел од жртвите се меѓи 14 и 45 години, соопштија лекарите.

Македонија е во шок од најтрагичниот настан во нејзината понова историја. Лекарските екипи цел ден се борат за околу 150 повредени, од кои дваесетина се во критична состојба. Првично хоспитализирани во болниците во Кочани, Штип и во Скопје, критичните случаи беа пренесени во Солун, Софија, Белград во Турција. Граѓаните од утрово се мобилизираат да помогнат кој колку може. Соседните и подалечни земји понудија логистичка и лекарска помош за повредените. Институциите се на терен, полицијата, обвинителството, приведени се повеќемина, политичарите одржуваат прес конференции.

Нема зборови што може да ја доловат болката на родителите што загубија деца, некои единци … Медиумите цел ден пренесуваат што се случува на Клиничкиот центар во Скопје, пред болницата во Кочани. Луѓето чиј досегашен живот исчезна во две минути си ги бараат телата да ги погребаат, некои од нив не дозволуваат да се изврши обдукција. Брат на повредена 16-годишна девојка сведочеше како прескокнувал трупови да стигне до неа во болница и да се увери дека е жива …

Утрово изјави даваа и млади луѓе што присуствуваа на концертот, имале поголема среќа и поминале со полесни повреди. Млада девојка сведочеше дека повредата на лицето ја добила кога на излезот од дискотеката паднала, а врз неа поминало стампедо. Таа утрово сè уште не знаеше каде е сестра ù и што се случило со неа.

Социјалните медиуми се преплавени од луѓе кои бараат помош. Цел ден се споделуваат фотографии од лица со име и презиме што се водат како исчезнати. Се шират списоци со имиња на пациенти згрижени на КАРИЛ, на пластична хирургија, на останатите клиники. Граѓани кои нудат бесплатно сместување за роднините чии блиски се хоспитализирани во Скопје. Нудат секаков вид на помош, кој колку може, храна, вода, ќебиња, превоз до каде треба.

Граѓаните се револтирани од супстандардните услови во ноќниот клуб кој работел со дозвола за кабаре. Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција соопшти дека дискотеката имала фалсификувани лиценци за работа, издадени од Министерството за економија на 13 март 2024. Јавниот обвинител Љубомир Коцевски соопшти дека објектот немал хидрантска мрежа, функционален хидрант, ниту доволно против-пожарни апарати и излези и наведе бројни недоследности. Пораки со сочувство пристигнуваат од цел свет.

Насловна фотографија: Петр Стојановски / Преземено од ppj.mk

Сподели