Ана Стојаноска – новa претседателка на фестивалот „Војдан Чернодрински“

На денешното собрание на МТФ „Војдан Чернодрински“, што се одржано во Скопје, д-р Ана Стојаноска, театролог, професор, е избрана за нов претседател на собранието на Фестивалот. Изборот на новиот претседател доаѓа откако собранието на МТФ „Војдан Чернодрински“ констатира дека е изминат мандатот на досегашниот претседател Катерина Коцевска Хаџавасилева.

– Му благодарам на Собранието на фестивалот што ме избраа. Се надевам дека ќе имаме одлична соработка со сите театри. Главниот мој фокус ќе биде создавање на фестивал според современите страндарди, фокусиран на домашната драма и новиот театар. Со сериозен концепт и можност да се види каков театар создаваме денес, со програми што ќе го „оживеат“ театарскиот сјај и со грижа за театарското наследство – изјави д-р Стојаноска, по нејзиниот избор.

Ана Стојаноска (1977, Прилеп) e театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје (предава на сите три степени, група предмети поврзани со теоријата и историјата на македонската и светската драма и театар). Раководителка на третиот циклус докторски студии на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ (2001 – 2011). Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. СпецијаПоллизирала театарска музеологија.

Авторка на: Ние (роман, избран во првите три на конкурсот за необјавен роман Пегаз), Лебед (роман, Полица, 2021), Трогледало (драма, 2020, објавена во изборот на ЕУРОДРАМ: Нова македонска драма); Потпис: Трепетлика (збирка поезија, Три и „Антево перо“, 2020, за која ја доби наградата Антево перо за 2020) Јас и Лин, отпосле (роман, Блесок, 2016; за која ја доби наградата Рациново признание, 2017 и финалист за Роман на годината и второ издание, Култура, 2019), Дијалози во еднина (Култура, 2019), Театар – предизвик: Студии и есеи (УКИМ, 2018), Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (монографија, ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (монографија, ФДУ, 2006). Приредувачка на: Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008).

Нејзината монодрама „Стаклен лампион“ е праизведена во продукција на „Театра“ – Скопје, (2013). Авторка на стотина студии и есеи објавувани во македонската и во странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Пишува и театарска критика. Поезијата и прозата ѝ е објавувана во повеќе различни медиуми (електронски и пишани, на неколку јазици). Во 2019 година стана член на Друштвото на писателите на Македонија. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и на театарот. За албумот „Крик и прашина“ (2019) ги пишуваше текстовите заедно со авторот Сашко Костов. Нејзината поезија е објавувана во повеќе меѓународни списанија. Пишува постојано, не сакајќи да се „вкалапува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза, и поезија, и драмски текстови.

Сподели