Елвира сонува да ги внесе малите деца во убавините на ритмичката гимнастика

Родена е во Москва и уште додека одела во градинка била секелтирана како исклучително надежна за ритмичка гимнастика

Таа е роден талент за ритмичка гимнастика. Родена е во Москва и уште додека одела во градинка била селектирана како исклучително надежна за овој спорт. До 9 години тренирала и по 4 часа дневно. Тогаш со семејството се преселиле во Македонска Каменица, родниот град на татко ѝ. Елвира Јангеловска има 15 години. Од оваа учебна година таа учи во Скопје. Таа е еден од „Идолите на Халки“.

Иако животот во Каменица им е убав, Елвира шест години немаше услови за вежбање. Бидејќи во Македонија овој спорт не е развиен, морала да вежба во Бугарија.
Тренирам уште од градинка. Желбата ја имам од мала, од 5-6 години, кога почнав посериозно да го тренирам овој спорт. И досега не се смени таа желба – раскажува Елвира.

Елвира Јангеловска

Откако се преселиле од Москва во Каменица, таа ги изгубила условите за редовен тренинг. Вежбала во училишната сала со помош на наставничката по физичко, Миријана Гошевска. Сепак, условите биле несоодветни, вежбала на паркет, без подлога. Пред пандемијата тренинарала во Бугарија, во клубот „Пирин“. Родителите двапати неделно ја носеле да тренира, но со почетокот на пандемијата, тренинзите прекинале.
Вежбав дома, сама со помош на мајка ми, татко миБеше тешко затоа што треба секогаш да те гледа некој, да те следи, да те контролира, но се трудам. Ми помагаат моите, моето семејство. Вежбав во спортската сала во училиштето, дома во дворот, надвор во паркови. Условите се многу лоши, зашто нема ниту тепих ниту сала опремена за гимнастика – вели Елвира.

Сепак, таа не се откажува – вљубена е во убавината на ритмичката гимнастика, во грациозноста, во женската естетика. Во овој спорт постојат повеќе реквизити, но на Елвира најмногу ѝ лежат кегли и топка.
– Топката е многу полесна од другите предмети, за мене. Таа најмногу ми се допаѓа – вели Елвира.

Учествувала на многу натпревари во Русија додека живеела таму. Отакао се преселиле во Македонија била на натпревари во Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија. Во својата соба Елвира има еден куп медали, пехари и дипломи. Најчесто освојува први и втори места, ретко трети. Сепак, една диплома ѝ е најомилена.
– Таа е за мене најбитна – за освоено прво техничко ниво во ритмичка гимнастика. Ја добив на натпревар во Бугарија – вели Елвира.

Елвира во дворот на својот дом во Македонска Каменица

Специфичните костими за натпреварите ги изработува нејзината мајка. Материјалите ги купувала од Русија. На прашањето што ѝ е најтешко во овој спорт, Елвира вели – ограничувањата со храна.
– Имам голем апетит и тоа веднаш се одразува. И потоа тешко ми е да ги намалам килограмите – вели низ насмевка младата инспиративна девојка.

Елвира е прва година во Државното училиште за физичка култура „Методи Митевски-Брицо“. Спортот и патувањата се дел од причините зошто штеди.
Штедам најмногу за да успеам во спортот, за патувањата, за школото… за да можам да патувам до дома, да се враќам, да имам со што да живеам во Скопје – вели таа.

Иако е скромна, талентирана млада девојка, Елвира има големи планови и јасна визија за иднината.
– Многу би сакала да бидам тренер, да ги учам малите деца да напредуваат во овој спорт и да го развивам во Македонија – вели таа.