Ана Илиќ: Да ги здружиме силите – тука е клучот за развој на Западен Балкан

Илиќ е директорка на „Ложионица“ и на националната платформа „Србија создава“ (Serbia creates). Таа деновиве гостува во Скопје на Саемот на креативни индустрии што го организираат Balkan Cinema Cities и Унијата на креативни индустрии УМПАКИ

Креативноста е заеднички именител за сите на Балканот и тоа треба да го користиме како наша компаративна предност кога станува збор за меѓународното претставување. Треба да ги здружиме силите, да соработуваме на проекти, да разменуваме идеи, програми и знаења, вели Ана Илиќ, директорка на „Ложионица“ и на националната платформа „Србија создава“ (Serbia creates). Таа утре гостува во Скопје на Meѓународниот форум на креативни индустрии што го организираат Balkan Cinema Cities и Унијата на креативни индустрии УМПАКИ. Во интервјуто за Умно.мк, Илиќ објаснува за определбата на Србија да ги обедини креативните индустрии како трета економска сила, покрај гејмингот и ИТ секторот.

Ана Илиќ / Фото: Небојша Бабиќ

Зад себе имате импресивна кариера. Како се снајде дипломиран правник во светот на медиумите, филмот, креативната индустрија и воопшто, во светот на културата?

– Искрено, никогаш не успеав да сфатам дали сум правник во светот на креативноста и уметноста или пак креативна личност во светот на правото. Како и да е, двата света се испреплетени од почетокот на мојата кариера и брзо се покажа дека едното не може без другото. Особено кога зборуваме за поттикнување на системскиот развој на креативните индустрии во Србија, за воведување новини во официјалниот образовен систем, за промена на наративот во јавното мислење кога се во прашање креативните индустрии, но и наративот на Србија во светот, преку димензија на креативноста и иновативноста. Националната платформа „Србија создава“ (Serbia creates) која ја предводам, со години посветено работи на овие прашања. Денес светот ја препознава Србија како модерна, иновативна и креативна земја, а тоа не е случајност, туку резултат на стратешката одлука на поранешната претседателка на српската Влада, денешна претседателка на Собранието, Ана Брнабиќ, да го постави развојот на креативните индустрии заедно со образованието и дигитализацијата како една од стратешките насоки на развојот на Србија.

До основањето на националната платформа која се занимава со креативните индустрии, дојдов преку успех во развојот на филмската и аудиовизуелната продукција, како една од основачите и директорка на Српската филмска асоцијација, независна професионална асоцијација за филмски и ТВ продукции. Главна цел на оваа асоцијација беше меѓународна промоција на Србија како локација за снимање филмски и ТВ проекти, под брендот FilminSerbia. Благодарение на оваа програма која и денес успешно се спроведува, во нашата земја досега се реализирани повеќе од 300 милиони евра инвестиции и се поддржани повеќе од 300 проекти. Оваа индустрија, покрај гејмингот и ИТ, прерасна во една од најразвиените гранки на креативните индустрии во Србија. Тогаш веќе ми беше јасно дека филмската индустрија е само дел од живиот, преубав свет на креативноста кој отсекогаш постоел во Србија, но никој не го гледал како целина и поради тоа никогаш немал системска поддршка во развојот.

Вие сте иницијатор на проектот „Ложионица“. Како се роди таа идеја, дел од старата Железничка станица да се претвори во креативен мултифункционален центар?

– Кога се основаше националната платформа „Србија создава“ во рамките на Владата, сфативме дека оваа хетерогеност и неединство на индустриите од креативниот сектор не е само последица на нивното непрепознавање, туку и фактот дека креативните луѓе од различни профили ретко се среќаваат физички. Ретко може не едно место да најдете гејмер, дизајнер, научник и танчар … Тие дури и ретко се познаваат меѓу себе, што е голема штета, бидејќи се покажа што се случува кога соработуваат заедно. Така, на пример, на една конференција што ја организираше нашата платформа се роди проект кој го воодушеви целиот свет – „Метахјуман – Виртуелно оживување на праисториски човек од Лепенски Вир“ – револуционерен проект на гејминг студио од Србија 3lateral (сега дел од Epic Games) и археологот д-р Софија Стефановиќ. За повеќе да не пропуштаме раѓање на револуционерни идеи кои на светот му ја покажуваат целата брилијантност на нашите креативци, научници и таленти, решивме да го создадеме првиот креативно-иновативен центар во Србија, или како што повеќе сакаме да го нарекуваме – првата куќа на креативните индустрии. Ја пронајдовме поранешната зграда на котларницата, која се користела за поправка и складирање на парни локомотиви и беше целосно руинирана, во строгиот центар на Белград. Ако подобро размислам, можеби и таа нè најде нас, зашто пред 100 години кога е изградена, „Ложионица“ била иновација на Втората индустриска револуција. Денес ја претвораме во центар што ќе ја воведе Србија во Петтата технолошка револуција која е пред нас.

Раководите и со проект за ревитализација на археолошкиот локалитет Винча – Бело Брдо. Ова е голема инвестиција и во однос на заштитата на културното наследство и во развојот на креативната индустрија. Зошто се важни овие инвестиции?

– Првата и основна работа на која сум навистина горда е фактот што успеавме физички да го заштитиме овој археолошки локалитет од паѓање директно во Дунав, поради последиците од лизгање на земјиштето. И сега кога државата успеа да го реши тоа со инвестирање, ни претстојат убавите и креативни работи за да го подигнеме културниот и туристичкиот капацитет на оваа дестинација во близина на Белград. Винча е еден од најзначајните неолитски локалитети во Европа и во светот, по кој е именувана целата револуционерна Винчанска култура на Винча, за која не се знае многу во светот, ниту е лесно да се наметне оваа тема. Првото топење на метали во светот, значи претходник на сите индустриски револуции, се случило токму тука, во близина на Белград. Поминале повеќе од 7.000 години, а ние сè уште на ова поднебје (со оглед на тоа што оваа култура се простирала на целиот Балкан), ја негуваме креативноста како највисока вредност. Тоа е многу важно наследство што го поседуваме во 21 век и важно е самите да сме свесни за тоа, да се грижиме за него и гордо да му го покажеме на целиот свет. Археолошкиот локалитет Винча – Бело Брдо во моментот е во процес на ревитализација. Ги повикувам вашите читатели да не заборават да го посетат ова волшебно место кога ќе доаѓаат во Белград. Винча може да биде гордост за сите нас.

Кои се најсилните страни креативната индустрија на Балканот за економскиот развој на регионот?

– Креативноста е дефинитивно заеднички именител за сите во регионот и тоа треба да го користиме како наша компаративна предност кога станува збор за меѓународното претставување. Треба да ги здружиме силите, да соработуваме на проекти, да разменуваме идеи, програми и знаења. Во оваа смисла „Ложионица“ го иницираше формирањето на првата Регионална мрежа на креативни организации, простори и иницијативи и многу ме радува што сите партнери, вклучително и УМПАКИ од Македонија ја препознаа таа визија и искрена желба за соработка. Мислам дека тука лежи клучот за нашиот развој.

Какво е влијанието на вмрежувањето на невладиниот сектор во регионот и соработката во овие сфери?

– По првиот состанок на Регионалната креативна мрежа во Белград во јули годинава, сега во Скопје ќе го одржиме и првиот следен состанок, во рамките на 4. Меѓународен форум за креативни индустрии. Воедно, тоа ќе биде и првиот состанок по добивањето на грантот во рамките на проектот „Мрежа на креативни индустрии на Западен Балкан“ (Creative industries Network Western Balkans) поддржан од УНЕСКО, преку проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs) финансиран од Европската Унија. Проектот е насочен кон поттикнување на дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културниот и креативниот сектор за зголемување на социо-економскиот развој. Во период од две години, целта на CC4WBs е да ја подобри работата на културниот и креативниот сектор за да се подобрат вештините, знаењето, пристапот до финансиска помош за да се зголеми конкурентноста и да се одржи копродукцијата и циркулацијата на стоки и услуги во западниот дел на Балканот. Проектните партнери на „Мрежата на креативни индустрии на Западен Балкан“ се платформата „Србија создава“, УМПАКИ и Градот Бања Лука.

Сподели