Концерт на ансамблот „Консонанс“ во Филхармонијата

Ансамблот „Консонанс“ ќе одржи концерт вечерва во 20 часот на малата сцена во Филхармонијата. На програмата се дела од: Љупчо Чедомирски, Филип Иванов, Љубомир Бранѓолица и Дарко Илиевски.

„Консонанс“ е основан во 2007 година. Тоа е реномиран дувачки ансамбл посветен на изведба на камерната музика, истражувајќи ги можностите на дувачките инструменти. Ансамблот е составен од членови на Македонската Филхармонија, кои исто така се посветени на оркестрското, солистичко и камерно музицирање. Консонанс има настапувано на повеќе национални фестивали и настани, како и на меѓународните сцени во Црна Гора, Бугарија, Хрватска и САД. Ансамблот досега има издадено и еден компакт диск.

Во „Консонанс“ членуваат: Здравко Ангелов, Елена Дојчинова, Маја Чанаќевиќ, Сашко Темелкоски и Дарко Илиевски.

Здравко Ангелов е прв кларинетист во Македонската филхармонија. Тој има настапувано како солист со повеќе оркестри, покажувајќи ја неговата извонредна вештина и музикалност. Ангелов е страстен музичар кој е посветен на камерната музика и на репертоарот за соло кларинет. Неговите настапи се одликуваат со исклучителна интерпретација која што подеднакво е значајна и за камерната и оркестарска музика.

Елена Дојчинова е прва флејтистка во Македонската филхармонија. Нејзината уметничка извонредност е призната од бројни диригенти кои настапуваат со филхармонијата. Длабоко посветена на камерната музика и соло репертоарот за флејта, настапите на Доjчинова постојано ги одразуваат нејзината посветеност и мајсторство на нејзиниот инструмент.

Маја Чанаќевиќ е обоистка и солист на англиски рог во Македонската филхармонија. Покрај нејзината работа со оркестарот, таа има настапувано како солист и како член на разни камерни ансамбли на многу фестивали и сцени како во Македонија, така и на меѓународно ниво. Покрај нејзината музичка кариера, Чанаќевиќ е активна и во областа на културниот менџмент, придонесувајќи со својта експертиза кон развојот на музичката култура и уметност во Македонија.

Сашко Темелкоски е солист на бас кларинет во Македонската филхармонија. Покрај неговите настапи со оркестарот, тој е активно вклучен во професионални снимања на оркестарска музика. Како страсвтен музичар, Сашко ужива во истражувањето на можностите на бас кларинетот и кларинетот и е посветен на изведбата на камерна музика.

Дарко Илиевски своето музичко образование го завршува на ФМУ во Скопје. Магистрирал на отсекот сонологија на истиот факултет. Покрај неговата активност како инструменталист, тој има напишано и бројни композиции за различни ансамбли патувајќи низ различни музички жанри, за кои има добиено и бројни награди. Од 2013 год.тој е вработен како инструменталист на хармоника во националниот ансамбл ,,Танец,, а од 2020 година е и уметнички раководител на оркестарот. Композициите ,,Магла‘‘, „Мозаик”, „Фугато” и „Стојне…” се напишани специјално за ансамблот Консонанс.

Сподели