Американскиот независен филмски режисер Џон Џост од денеска до идниот петок (13 октомври) ќе одржи работилница во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Под наслов Learn everything there is to know from a real MoFo, работилницата ќе почне денеска од 17.30 до 21.30 часот и ќе продолжи во среда и четврток во истиот термин. Вториот дел ќе се одржи од 10 до 13 октомври во истите термини. Работилницата ќе се заокружи со финална презентација, која ќе се одржи на крајот.
Џон Џост е еден од најплодните и најзначајните американски независни филмски автори. Роден во Чикаго на 16 мај 1943 година, во воено семејство, тој растел во Џорџија, Канзас, Јапонија, Италија, Германија и Вирџинија. Избркан од колеџ во 1962 година, почнал да снима 16 мм филмови во јануари 1963 година. Самоук е. Има снимено 41 долгометражен филм во периодот 1963-2013 година (14 на целулоид, 16 мм и 35 мм до 1996 година; 27 дигитални оттогаш), како и повеќе од 30 краткометражни филма, кои сите ги има сам осмислено, напишано, снимено, режирано и монтирано; повеќето и продуцирано. Од 1996 година работи само во дигитално видео (DV и HD), завршувајќи 24 долгометражни и многу краткометражни дела, како и една голема инсталација на 7 екрани, TRINITY, претставена во ZKM, Карлсруе, Германија. Има изведено и неколку други инсталации што досега не биле јавно презентирани. Во јануари 1991 година во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк е прикажана ретроспектива на неговото дотогашно творештво.
Два од неговите најпознати филмови се „Сите дела на Вермер во Њујорк“ (1990) и „Креветот во кој спиеш“ (1993). Неговиот долгометражен филм од 1977 година, „Последни песни за бавен танц“ е наведен во книгата „1001 филм што мора да ги погледнете пред да умрете“. Џост се занимава и со фотографија и сликарство и пишува и свири кантри вестерн песни. Програмата е реализирана во соработка помеѓу КСП Центар-Јадро, MI Film&Theatre и Кинотека на Македонија. Програмата е финансиски поддржана од Министерството за култура.





