„И… Акција!“ – проект на Кинотеката во рамките на Еразмус+

Обука за создавање видеосодржини за образование добија 20 учесници од пет европски земји кои се дел од проектот „И… Акција!“ поддржана од програмата Еразмус+. Носител на прокетот е Кинотеката на Македонија. Учесниците се обучија да креираат видео содржини, научија на што да се осврнат во текот на создавањето на едукативните видеа, кои алатки да ги користат итн. Главен обучувач и автор на обуката беше нашата реномирана режисерка Марија Џиџева, а во обуката ѝ асистираа Илија Павлов и Филип Лафазановски, соработници на Кинотеката и млади филмски автори. Обуката со свои презентации ја збогатија и: проф. д-р Розалина Попова Коскарова, проф. д-р Атанас Чупоски, м-р Арсим Лесковица и м-р Александар Трајковски.

Кинотеката е носител на проектот, а партнерски се вклучени и Здружение за образование во областа на природните науки, уметностите и архитектурата (Словенија), Ириг Мој Град (Србија), Асоцијацијата Екстрeмундо (Шпанија) и Здружение традиции, образование, историја и култура (Бугарија). Проектот има неколку развојни фази кои се одвиваат паралелно. Така се развиваат два интелектуални производа и паралелно се одвиваат обуки за креирање на видео записи за помош на наставници/професори во рамки на основното и средното образованието. Освен кај нас, обуките ќе се одржат во Шпанија, Бугарија и Словенија, со тоа што на нив ќе присуствуваат наставници/професори од сите партнерски земји.

Владимир Ангелов на учесниците на обуката, за време на нивната посета на Кинотеката, им одржа предавање за значењето на Кинотеката и за огромниот фонд на научно-образовни филмови што таа ги поседува, што и беше директен повод за развој оваа иницијатива т.е. проект.

Сподели