„Технологијата е само алатка. Каменот може да се искористи за кршење ореви, но и за кршење глави. Зависи што ќе избере оној што го држи во рака“, вели Александар Русјаков, автор на книгата „Егосурфер“ што беше промовирана завчеравечер во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“ во Скопје. Книгата е издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“. Книгата ја промовираше уредничката Бисера Бендевска.
Таа истакна дека збирката раскази е умешен спој меѓу жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк. На прашањето која е потребата да се пишува научна фантастика кога веќе ја живееме таа стварност, Русјаков одговори дека овој жанр никогаш нема да замре, бидејќи авторите се толку креативни што со своите визии за иднината можат да ја вознемират сегашноста (која сè повеќе наликува на научна фантастика).

Александар Русјаков и Бисера Бендевска
– Во моето творештво многу сакам да користам научна фантастика, киберпанк и магичен реализам. За мене нема ништо позабавно од мешањето на реалниот живот и документарноста и да ги раскажувам преку фантастиката. Не ме загрижува подемот на новите технологии и стравувањата дека во иднина вештачката интелигенција ќе ги замени авторите. И покрај нивниот развој, сметам дека литературата никогаш нема да умре. Дури и да замислиме општество во кое книжевноста е забранета, писателите имаат бескрајно голема фантазија која не може да ја замени ниту една технологија – вели тој.
Русјаков е уверенн дека технологијата не може да го следи умот на писателот. Таа не може ниту да нè зароби, ниту да нè ослободи.
– Сè зависи од човековиот избор. Кога ќе слушнете дека вештачката интелигенција ќе нè уништи, завладее или изопачи, всушност слушате човечки глупости и изговори за сопствените погрешни избори и постапки. Што се однесува до мене, не сум многу умешен со новите технолошки појави, но ниту ги мразам, ниту сум вљубен во технологијата – вели тој.
Книгата е насловена според истоимениот расказ. Според Русјаков, егосурфер е сосема обична, а во исто време крајно необична професија што ја извршува главниот лик. Инспирацијата доаѓа и од филмовите и сериите со слична тематика.

– Тарантино вели дека од генијална книжевност често излегуваат лоши филмови, а од лоша книжевност – филмски ремек-дела. Но, фантастиката знае да игра поинаку. „2001: Одисеја во вселената“ на Кјубрик излезе пред романот на Артур Кларк и според мене филмот е подобар. Од „Пикник крај патот“ на браќата Стругацки, Тарковски го создаде „Сталкер“. Истото го направи и со „Соларис“ од Лем. „Блејд Ранер“, „Дина“ на Херберт во режија на Денис Вилнев – сето тоа покажува дека книжевната фантастика најде совршена почва во филмската нарација – вели Русјаков.
Тој додаде дека расказите од „Егосурфер“ имаат потенцијал за филм, серија или видеоигра. Еден од нив веќе е екранизиран, режисерот Игор Алексов го снимил краткиот филм „Сонот за крвта и душата“, според расказот „Крвта и душата“.
– Уште од дете ја сакам фантастиката. Растев со Жил Верн и никогаш не престанав да читам научна фантастика, киберпанк и хорор. Реј Бредбери, Урсула ле Гвин, Френк Херберт, Џин Волф, Вилијам Гибсон, Филип К. Дик, Лавкрафт, Клајв Баркер, Лиу Цисин и многу други автори имаа силно влијание врз мене. Расказите во „Егосурфер“ не се пишувани одеднаш – ги создавав во текот на изминатите дваесет години, а сега почувствував дека им е време за објавување – вели авторот.

Фото: Литартура.мк





