Ана Трајковска е добитничка на Наградата за млад уметник од Фондацијата Јанкуловски. Ова признание ѝ беше доделено синоќа, на отворањето на групната изложба на слики, цртежи и објекти, насловена „Остенови уметници на годината 2025“, која во наредниот период ќе може да се проследи во галеријата „Остен“, во Скопје. Трајковска ја доби наградата за делото „Столови“, во комбинирана техника колаж од графика со цртеж.

– Оваа награда, секако, има големо значење за мене затоа што е забележан трудот што го вложувам и претставува валоризација на она што го правам како уметник. Ова признание е важно и како можност да се даде глас на младите, а особена чест е што на изложбата, моето дело е претставено заедно со делата на еминентните македонски автори, вели Трајковска. Нејзиното дело, како што посочува, претставува продолжение од самостојната изложба минатата година во „Мала станица“, каде што таа се претстави заедно со Доротеј Нешовски.
– Моето дело ги претставува петте најважни столбови потребни едно општество да функционира, како правдата, економијата, образованието, здравството и културата. Делото укажува на тоа какви се тие столбови, што значат, како и дека сè се сведува на верба за опстојување, вели Трајковска.
На изложбата се претставени делата на добитниците на наградите за 2025, Жанета Вангели, Мице Јанкуловски, Синиша Кашавелски, Блаже Крстаноски-Блажески, Свето Манев, Миро Масин, Ристо Мијакоски, Томе Мишев, Данчо Ордев, Станко Павлески, Ирена Паскали, Симонида Филиповска Китановска, Роберт Цветковски и Ана Трајковска.
Фото: Галерија Остен





