Новинарите Александар Димитриевски и Михаил Милошевски од редакцијата „360 степени“ ја освоија првата Награда на ЕУ за истражувачко новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција 2025 што ја доделуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Томсон медија и Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Наградата ја добија за приказната „По трагите на „Јулија‘“ за автентичноста на сертификатот за познавање на англиски јазик на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на две други директорки – осудени поради лажни сертификати. Наградата изнесува 5.000 евра.
Втората награда од 3.000 евра ја добија новинари од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за приказната „Украдени животи“ – за измамените граѓани на чие име биле земени брзи кредити, со крадење на нивните лични податоци. Третата награда (2.000 евра) ја добија на новинарите Срѓан Стојанчов и Снежана Лупевска-Созен за „Досие Крмзов – епски криминал или обид да му се одземе бизнисот“ емитувана во програмата „Код“ на телевизијата „Телма“.
Наградите им ги врачи евроамбасадорот Михалис Рокас кој рече:
– Важно е да се препознае храброста на новинарите кои го штитат јавниот интерес во време на ботови и лажни информации. Не е лесно да се заштити вистината – рече Рокас.
На регионалниот конкурс на ЕУ за истражувачко новинарство пристигнале повеќе од 200 стории од 120 медиуми, од кои 21 се однесувале на криминал и корупција. На конкурсот можеа да се пријават истражувачки стории објавени од медиуми во нашата земја од 1 јануари до 31 декември 2024 година, во кои се обработуваат теми од слобода на изразување, владеење на право, транспарентност, злоупотреба на моќ и фундаментални права, корупција и организиран криминал.





