Искрено посакувам учениците да стекнат љубов кон убавото, да умеат да го препознаат, да читаат книги и да посетуваат изложби со една, единствена надеж, а тоа е да си ја развиваат личноста и да ја градат, а не да го гледаат животот низ клучалка – вели уметницата Ивана Настески, чија изложба „Флора“ ќе биде отворена вечерва во Тетово.
Пред повеќе од 20 години го започна нејзиното уметничко творештво во својот роден град Тетово, каде вечерва во 19.30 часот во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ ќе се претстави со својата најнова изложба. Ивана Настески е графички уметник, а во последните години е посебно посветена на акварелот како техника. Со неа разговараме за инспирацијата, за убавината…
Што ќе содржи „Флора“? Колку време ја подготвувавте изложбата?
– Мојата изложба ќе содржи 31 акварел. „Флора“ се случи (не)случајно, отсликувајќи го мојот секојдневен ентериер, на кој секогаш има поставено ваза со цвеќе па макар и малечка чаша со уште помало цветче. Тие навидум (не)видливи детаљи, за мене се видливи окупирајќи го мојот поглед.
Цвеќето се чини е Ваша основна инспирација. Неговата убавина Ве мотивира, што буди во Вас?
– Не само што ми е инспирација цветот, ами во мене ги буди сите сетила. Ме фасцинира тој цветен облик кој знае само да дарува, а да не пречи.
Акварелот е Ваша омилена техника. Што најмногу Ве фасцинира во неа?
– Акварелот нуди широки можности, неговата непрецизност и разлевање како да ја сликаат слободата. Ме воодушевува прелевањето на тоновите и нијансите, комбинацијата на цртежот и бојата. Сите ликовни техники нудат свои особености, но кај акварелот гледајќи како водената површина ги восприема боите, ми претставува провокација.
Работите и со деца во основното образование. Фондот на часови е сè помал. Каква визуелна култура можат да стекнат децата со толку малку часови посветени на уметноста?
– Лично како долгогодишен учител по ликовна уметност, максимално се вложувам децата да ги засакаат уметностите, воопшто. На моите часови секогаш има убава, пријатна релаксирачка музика. Во околината има многу книги, на таблата лекциите ги објаснувам со креди во боја, низ примери од големите мајстори на уметноста, се обидувам да им ја доближам ликовноста. Често немаме време да се дообјасниме, оти еден час по ликовна култура брзо поминува. Искрено посакувам учениците да стекнат љубов кон убавото, да умеат да го препознаат, да читаат книги и да посетуваат изложби со една, единствена надеж, а тоа е да си ја развиваат личноста и да ја градат, а не да го гледаат животот низ клучалка.
Што е следно? Дали можеби „Флора“ ќе дојде и во Скопје или и во други градови?
– „Флора“ најпрво нека оживее во мојот роден град Тетово, излегувајќи за прв пат од своето атеље, а се надевам дека ќе се вгнезди и во срцата на публиката… Следните дела за сега, ги градам во мојот ум…





